Португалската фудбалска федерација (ФПФ) ги демантираше денеска информациите дека Кристијано Роналдо, кој во осминафиналето против Швајцарија влезе како замена за прв пат од 2008 година, се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата на Светското првенство во Катар.
„Информациите објавени во текот на денешниот ден говорат дека Кристијано Роналдо се заканил со напуштање на репрезентацијата во разговор со селекторот Фернандо Сантош. ФПФ истакнува дека Кристијано Роналдо во ниту еден момент за време на престојот во Катар не се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата“, се наведува во официјалното соопштение.
Реакцијата на ФПФ доаѓа како одговор на информациите што ги објави португалскиот весник „Рекорд“, кој наведе дека Роналдо имал жестока кавга со Сантош откако дознал дека ќе биде на клупата за резерви на дуелот против Швајцарија.
Според весникот, Роналдо се заканил дека ќе ја напушти репрезентацијата, но подоцна го сменил мислењето. Португалија в сабота од 16 часот ќе игра против Мароко во четвртфиналето на Мундијалот во Катар.