Хелсиншки комитет за човекови права денеска информира дека неколку ромски семејства се соочуваат со враќање во состојба на социјален ризик, откако добиле решение од Министерството за труд и социјална политика да го напуштат привременото живеалиште во прифатниот центар во Визбегово.
Тие се сместени во привремените живеалишта од 2018 година, а дотогаш живееја на отворено, под тврдината Кале. Семејствата наведуваат дека од МТСП добиле известување дека треба да ги напуштат времените објекти најдоцна до утре, а во спротивно ќе се изврши нивно присилно иселување. Станува збор за семејства со малолетни деца, кои се вклучени во образовниот процес во училиштето во Визбегово.
Хелсиншкиот комитет за човекови права минатата недела се обрати до МТСП со барање за изнаоѓање алтернативно решение за овие семејства, но иако се работи за временски сензитивен проблем, Министерството сѐ уште не доставило одговор.
Правната советничка од Хелсиншкиот комитет Тона Карева посочи дека со нивното иселување, без притоа државата да направи план на кој начин тие понатаму ќе се интегрираат во општеството, овие луѓе ќе завршат буквално на улица, а децата ќе бидат приморани да го напуштат образовниот процес и ќе бидат изложени на постојан ризик како лица бездомници.
-Целта на сместувањето на Ромите од Кале во привремените живеалишта во прифатниот центар во Визбегово е да им се помогне во нивно вклучување на пазарот на труд, социјална заштита и здравство, обезбедување на документи за лична идентификација, вклучување на децата во образовниот систем и да се изнајде трајно решение за нивно натамошно домување, со крајна цел нивно извлекување од сиромаштија, стои во соопштението.
Хелсиншкиот комитет за човекови права наведува дека иселувањето во овој момент без ников план за помош при домување барем во одреден период по иселувањето од прифатниот центар, експресно ќе ги врати лицата во сиромаштијата во која живееа со години пред да бидат сместени во прифатниот центар. Овие семејства, како што се наведува, ќе останат на улица со малолетни деца, со сите ризици кои ги носи бездомништвото и сиромаштијата.