Ниту еден случај со сомнеж за заразеност со коронавирус досега не е регистриран позитивно во Романија, изјави романскиот заменик министер за здравство Андерј Бачу.
– Нема случај со позитивен тест за коронавирус во Романија. Досега има само негативни резултати на тестирањата, нагласи Бачу.
Романскиот претседател Клаус Јоханис за утре свика седница на Врховниот совет за одбрана, на која ќе се разговара за борбата против коронавирусот, додавајќи дека „работите брзо се менуваат во последните денови во однос на новите случаи, регистрирани во Европа“.
Претходно, локалната телевизија Реалитатеа плус, повикувајќи се на медицински извори, објави дека во Романија е потврден првиот случај на коронавирус кај едно лице кое пред три недели се вратило од Италија и тоа моментно се наоѓа во карантин во болницата за инфективни болести „Матеј Балс“ во Букурешт.