Челниците на Рома се подготвуваат да му врачат отказ на Жозе Мурињо, незадоволни од последните настапи на тимот, пренесуваат италијанските медиуми.
Според „Спортмедиасет“, тие сакаат да го стават Даниеле де Роси на кормилото на тимот.
Рома во средата беше елиминирана во четвртфиналето на Купот од градскиот ривал Лацио (1:0), а синоќа беше поразена и од Милан (3:1) во Серија А.
„Волчицата“ е на деветтата позиција со три бода помалку од шестопласираната Болоња која е во европската зона.
Де Роси играше за Рома од 2001 до 2019 година и заедно со Франческо Тоти е најголемата легенда на клубот од овој век.
За Рома одигра 616 натпревари и постигна 63 гола.
Беше дел од репрезентацијата на Италија која ја освои титулата светски првак на Светското првенство во Германија во 2006 година.
Тренерската кариера ја започна во второлигашкиот клуб СПАЛ, кој го презеде есента 2022 година.
Сепак, во февруари минатата година доби отказ по само три победи и осум порази во 17 натпревари.