Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на рокот за аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година од 31 мај на 30 јуни 2021 година, со цел да се овозможи сите земјоделски стопанства да аплицираат за финансиска поддршка.
Покрај ова, направена е и измена на уредба со која се намалува бројот на пчелни семејства од 15 пчелни семејства на пет пчелни семејства за производители кои имаат ограничени услови на производство.
Како што информира владината прес-служба, Владата на предлог на Министерството за здравство ги разгледа и усвои Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп, како и Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на коноп за медицински цели на Друштво за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола.
– Притоа, беа донесени Одлуки за престанување на важењето на одлуката за давање согласност на Решенијата за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ, Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп и Друштвото за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола, се додава во соопштението.