Политичките партии кои имаат забелешки на Предлог-законот за јавно обвинителство до денеска напладне треба да поднесат амадмани, по што најверојатно в понеделник ќе се одржи нова средба во поширок состав, на која ќе се разговара за тоа кои амандмани се прифатливи.
Министерката за правда Рената Дескоска вчера по средбата на работните групи на политичките партии, кои речиси два часа разговараа во Собранието, рече дека дел од партиите уште на средбата доставиле амадмани, дел најавиле дека тоа ќе го сторат денеска, а ВМРО-ДПМНЕ доставиле забелешки кои експертите ги изнеле на јавната расправа што беше организирана за предлог-законското решение.
Дескоска е оптимист дека тоа што го виделе низ поднесените амандмани од пратеничките групи кои сакаат да влезат во процесот за носење на законот, вели дека е охрабрена и оти смета дека ќе има приближување на ставовите.
За ВМРО-ДПМНЕ кои доставиле забелешки од експертите, Дескоска рече дека побарано од нив е да подготват амадмани исто како и другите политички партии и да ги достават до денеска до 12 часот.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог-законот.
– Доколку Министерството за правда има политичка волја оваа тема помалку да се политизира, би било добро Министерство за правда како надлежна институција да ги повика овие експерти и со нив врз основа на нивните јавно искажани забелешки кои не се политички туку стручни да изготват амадмани кои ќе наидат на пошироко одобрување и поголем консензус за овој закон. Ако одиме на политизирање на самите амадмани, шансите за консензус ќе бидат помали, рече пратеникот Антонио Милошоски, додавајќи дека остануваат отворени за нови средби.
Според нив, многу е подобро амандмани да бидат направени во соработка со правните експерти, отколку амандмани да поднесуваат политичките субјекти.
ДУИ излезе со оценка дека денешната срдеба била конструктивна, но забелешки имаа бидејќи во текстот на законот не се вметнати 10-те амадмани од Комисијата за европски прашања. Според ДУИ, би требало во законот да се отслика и Законот за употреба на јазиците и да се запази правичната застапеност на заедниците во Јавното обвинителство.
Вчерашната средба на работните групи во проширен состав следува по дводневната јавна расправа на која претставници на политичките партии и експерти од оваа област имаа можност да ги изнесат своите забелешки. Министерството за правда најави дека дел од нив ќе бидат вградени во предложеното законско решение кое треба да се најдат на собраниска седница доколку политичките партии денеска ги усогласат ставовите.
Останува отворено прашањето дали партиите ќе успеат да ги усогласат ставовите за да може Парламентот да го донесе законот до распуштањето на Собранието.
Според претседателот на Парламентот Талат Џафери, има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.
На неопходноста од донесување на законот за ЈО изминатите денови укажуваа и внатрешните политички фактори, но и меѓународната заедница.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера за медиумите по средбите со граѓани во Тетово, порача дека е добро за државата сега, пред избори, да се донесе законот за јавно обвинителство. Изрази надеж дека Владата ќе го усвои на наредната седница за да може до распуштање на Парламентот да се најде на пленарна седница.
Заев вели дека тоа ќе биде дополнителна причина и мотивација за земјите членки да донесат позитивна одлука во времето кога ќе одлучат за датумот за проширувањето и оти тоа е сериозен државнички порив, што го очекува од сите пратеници.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во рамки на посетата на Берлин имаше средба со шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, кој ја истакнал и важноста од усвојување на Законот за јавно обвинителство во насока на испраќање уште еден позитивен сигнал во овој клучен период.
Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 11 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство. МИА