Mожноста Охридскиот Регион да биде ставен на листата светски природни и културни богатства во опасност, како прв чекор кон губење на сегашниот статус во УНЕСКО, недвојбено е прашање број еден во Охрид и за Охрид. Оваа година прашањето беше актуелизирано оттаму што беше предмет на дискусија на 43-тата седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одржана во јуни во Баку.
На состанокот во Азербејџан, Охрид за влакно го избегна усвојувањето на Нацрт-резолуцијата и, поточно кажано, деградацијата на статусот во богатство во опасност, со тоа што на државата ѝ беше даден рок до 1 февруари 2020 година да постапи по сите претходни барања на Комитетот за светско наследство, како и со исполнување на препораките на Реактивната мониторинг-мисија од 2017 година.
Државна делегација беше во Баку, каде што заедно со градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски реферираше подготвеност и решеност да се работи на зачувување на статусот. Граѓанските здруженија за заштита на Охридското Езеро и неговото крајбрежје се сè погласни дека тоа се прави на несериозен начин, со импровизации, многу отстапки на сметка на изнаоѓање решенија за вистинските проблеми, што впрочем и го доведоа во опасност статусот како уникатно светско природно и културно наследство.
Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО во 19 точки ги посочи главните препораки што мора да бидат спроведени доколку интенција е избегнување на поместувањето на листата богатства во опасност, а до Баку беше постапено или барем декларативно беше демонстрирана подготвеност да се постапува по дел од нив. Експресно беа отстранети палмите од крајбрежјето како неавтохтон вид, како и рекламните панели во центарот на градот. Она што беше најлесно го спроведе локалната власт, но главните задолженија УНЕСКО ги адресираше до Владата, која, според еколошките и граѓанските здруженија и согласно потпишаните меѓународни договори, е единствено одговорна и задолжена за заштита и зачувување на вредностите на регионот.
Она што најмногу беше експонирано во јавноста и на што граѓаните најмногу му посветуваа внимание беа активностите за отстранување на дивоградбите. Веќе на самиот почеток уривањето беше времено запрено, поради барањата на сопствениците дека им е потребно време сами да ги отстранат нелегално изградените објекти, што потоа се покажа како вешт трик само за да се добие време. Моментално ништо не се урива, но градоначалникот на Охрид уверува дека дивоградбите ќе се отстранат. Тој рече дека физичкото отстранување на дивоградбите е само финалниот дел од тој процес, за кој рече дека ќе биде болен и тежок, оттаму што се работи за долготрајна процедура што треба да ги поправи и отстрани сите грешки и аномалии дозволувани во минатото. Дополнителен проблем за општината е што надлежностите за многу објекти се на Државниот градежен инспекторат, односно нема ингеренции за уривање на дивоградбите што се во зоните под заштита на државата.
Во сите тие активности се наметнува впечаток за бавноста на постапувањето на институциите на сите нивоа на управување, инертноста кон одлучност за акција независно декларираните заложби за спроведување конретни мерки. Дури беа посочувани поединци на високи позиции во рамките на ресорните министерства, за кои беше укажано дека не само што не ги спроведуваат со закон утврдените надлежности туку и прават опструкции на иницијативите спроведени од граѓанските здруженија за дополнителна заштита на регионот со вклучување во Рамсар заштитените блатни подрачја.