Рокерот Симеон Иванов – Канго, чиј знак за препознавање отсекогаш била неговата бујна коса, деновиве ги изненади присутните гости на еден културен настан од областа на поезијата, кога се појави во сосема ново издание. Наместо нескротливата коса, со која што јавноста е свикната да го гледа со децении, откако е присутен на сцената, Канго ја покажа голата глава без ниту едно влакно, и со тоа го сруши митот за природната и уникатна рокерска фризура.
Фотографиите на кои се гледа дека кочанскиот рокер всушност во минатото или се појавувал со перика, или пак сега решил да ја избричи главата, предизвикаа изненадување кај јавноста. Посебно поради тоа што и самиот често пати има изјавувано дека е горд на бујната коса, а неодамна со нас го сподели и својот лек против ќелавост.
,,Сите се чудат за квалитетот на мојата коса и бујноста, и за тоа што имам само неколку бели влакна во седмата деценија. Затоа, за сите што имаат проблеми со косата, ќе ја откријам тајната за бујност. Всушност, се работи за доста едноставна работа, јас воопшто не користам препарати за зајакнување на влакното или пак против опаѓање.
Се што користам е сосема природно и мислам дека тука лежи
решението, бидејќи колку повеќе препарати користиш, толку повеќе го
уништуваш влакното. Не фрлајте пари за скапи козметики, туку користете само вода и сапун’’- ни раскажа Канго пред три години. Додаде дека маката била била таа која што го натерала на овој економичен начин на одржување на косата, бидејќи и покрај тоа што бил присутен на сцената над 50 години, не успеал да заработи богатство од своето музицирање.
Со цел да дознаеме што се случило со неговата бујна коса, го контактиравме музичарот по телефонски пат, но тој не одговори на нашите повици.
Инаку, Канго се најде во центарот на вниманието лани, кога доби 9.000 евра владини субвенции за две негови песни. Тогаш ни кажа дека добил многу пораки од народот, во некои му се давала поддршка, додека имало и такви, во кои луѓето го напаѓале поради високата сума што ја добил од државата.
,, Станува збор за две песни кои што се субвенционирани, и тоа ,,Аманет’’ и ,,Мала тајна’’ значи 9.000 евра од кои што по 1.500 евра се потрошени за спот и околу 2.000 евра за аудио снимка. Но народот тоа не го знае, ниту пак се интересира и само се збори без факти. Треба да се ценат уметниците додека се живи, а не да се фрла со камења по нив. Но кај нас, обично така се случува, дури откако човек ќе умре, ќе го спомнат по убаво, ќе го дадам за пример Тоше Проески кого што бескрајно го почитував, дури откако почина му направија спомен дом. Па зошто му е сега, откако го нема?’’ – ни изјави тој по добивањето на владините субвенции лани.