Рокас: Судството треба да ја истражува корупцијата секаде, не се само Груби и Беџети

by Fokus

Судството треба да ја истражува корупцијата секаде кај што ја има, не се само Артан Груби и Енвер Беџети, порача денеска шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава Михалис Рокас, во врска со американската црна листа, на која се најдоја поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети.

„Соединетите Aмерикански Држави презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа. Меѓутоа, она што е важно е дека судството во државата треба да ги преземе сите активности не само во врска со овој последен случај, туку и сите други видови на корупција кои се присутни, со цел да имаме независно судство“, рече Рокас.

Тој додаде дека ЕУ има преземено значајни активности и напори за обезбедување механизми за зајакнување на судството.

„Тука можам да ја споменам оценската мисија на ЕУ, која што издаде 40 препораки за судството во Северна Македонија, така што мислам дека најважно е судството да стане независно тело. Професионално и независно судство останува клучен приоритет за идниот интегративен процес на Северна Македонија во ЕУ. Со постоење на независно судство, ќе се зголеми довербата во општеството и се надеваме дека ова ќе се случи многу поскоро“, додаде Рокас.

Прашан за претресите кои се случуваат во Судскиот совет, Рокас рече дека Јавното обвинителство треба да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција.

„Мислам дека канцеларијата на Јавното обвинителство секогаш треба да ја има можноста да ги направи сите можни пребарувања во случаи кога постојат сомнежи за постоење на корупција во одредена институција. Без разлика дали станува збор за индивидуални или општи акти, во едно демократско општество на Јавното обвинителство треба да му бидат ставени на располагање сите механизми за да може да изврши истрага за можна корупција“, додаде Рокас.

Поврзани новости