Иранската организација за атомска енергија е подготвена и на „очекувани и на неочекувани“ реакции, доколку САД се повлечат од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, изјави денеска претседателот на Иран, Хасан Рохани.
– Нашата организација за атомска енергија е целосно подготвена и за акции кои тие ги очекуваат, но и за оние кои не ги очекуваат, истакна Рохани во своето телевизиско обраќање, без да даде подетално објаснување.
Медиумите наведуваат дека таквиот коментар може да се однесува на заканата која ја изнесе американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе го напуштат иранскиот нуклеарен договор следниот месец.
Со тој договор потпишан во 2013 година меѓу Иран и шесте светски сили (САД, Русија, Германија, Велика Британија, Франција и Кина) се пропишува Техеран да ја прекине својата нуклеарна програма во замена за намалување на санкциите.
Меѓутоа, Трамп во претходниот период овој договор го оцени како еден од најлошите било кога склучени договори, а во јануари им постави ултиматум на Британија, Франција и Германија дека мораат да се усогласат во изменувањето на она што САД го сметаат како „недостаток“ во тој документ, во спротивно неговата земја ќе одбие да го продолжи олеснувањето на санкциите. Последниот рок е 12 мај, кога САД повторно целосно ќе воведат санкции против Иран, освен ако Трамп не издаде поинаква наредба.