Директорот на руската вселенска агенција денеска им се закани на три земји дека Русија може да истрела балистички ракети кон нив, откако тие го забранија прелетувањето на авионот на Сергеј Лавров.
Бугарија, Македонија и Црна Гора, земјите што ја опкружуваат Србија, го затворија својот воздушен простор за официјалниот авион со кој рускиот дипломат требаше да допатува во српската престолнина.
Кремљ објави дека го смета тоа за „непријателска акција“ на трите земји за кои Лавров ги обвини ЕУ и НАТО.
„Знаете ли што е добар „Сармат“? Од кукавичките Бугари, одмаздољубивите Романци и Црногорци кои ја предадоа нашата заедничка историја нема да бараат согласност да летаат“, напиша директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин на Твитер. „Сармат“ е името на руската интерконтинентална балистичка ракета.
Посетата на Лавров на Белград беше закажана за 6 и 7 јуни, три дена пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц.
Кремљ денеска соопшти дека го смета потегот на трите земји за „непријателска акција“, но дека тоа нема да ја спречи Москва да одржува контакти со пријателските земји.
Лавров на прес-конференција рече дека Русија не можел ни да замисли таква одлука на трите членки на НАТО.
Мислејќи на Србија, тој додаде дека го ускратуваат правото на една суверена земја на сопствена надворешна политика. „Никој нема да може да ги уништи нашите односи со Србија“, рече Лавров.
Тој додаде дека забраната за летови покажува дека ЕУ ги активира „најниските начини на дејствување кон лидерите на оние држави кои не сакаат да го потиснат нивното достоинство и интереси, а сето тоа е спротивно на меѓународното право“.