Семејствата и роднините на загинатите во трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, не се задоволни од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје, со која по речиси пет години заврши судскиот процес, во кој загинаа 16 лица, а над 30 беа тешко повредени.
Шестемина обвинети беа прогласени за виновни и добија затворски казни од вкупно 39 години.
Највисока казна од 14 години доби шестообвинетиот – возачот на автобусот на „Дурмо турс“, Мануел Трифуновски. Првообвинетиот Дурмиш Белули сопственик и одговорно лице во фирмата, првостепено е осуден на 4 години, второобвинетиот Ремзи Мифтари, одговорен за превозот, доби шест години, додека трето, четврто и петтообвинетите – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, вработени во станицата за технички преглед, инаку сопственост на истата фирма, се осудени на по пет години затвор.
Роднините на загинатите велат дека не можат да бидат задоволни од пресудата, бидејќи очекувале маскимални казни.
„Како би биле задоволни? Ние очекувавме дека обвинетите ќе добијат максимални казни. Првообвинетиот доби четири години. Како да бидеме задоволни кога 16 луѓе ги загубија животите. Ја слушнавте пресудата на судечкиот совет по кои членови ги товарат од Кривичниот законик, мислам 38 тешко повредени. Ова се минимални казни, мислам дека требаше да добијат максимални казни, сите што беа инволвирани во оваа сообраќајка, во оваа трагедија што се случи за Гостивар. Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија. И како да бидам задоволен со вакви казни, особено на првообвинетиот, второ, трето, четврто и петтобвинетиот. Сметам дека казните се минимални“ изјави Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски кој загина во несреќата.