Роднините на повредените патници во автобусот кој се преврте завчера на патот Скопје-Тетово, а кои немаат каде да се сместат во Скопје, можат да ги искористат апартманите во „Родителската куќа“ во близина на Министерството за здравство.
„Министерството за здравство и невладината организација „САНО“ ги повикуваат роднините на сите повредени од тешката сообраќајна несреќа доколку немаат сместување во Скопје да се пријават за сместување во родителската куќа (која се наоѓа во близина на Министерството)“, соопштија од Министерството утринава.
„Родителската куќа“ беше отворена во јануари годинава и е наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница. Престојот во „Родителската куќа“ е комплетно бесплатен.
„Во соработка со Комората на психолози на Република Северна Македонија за сите роднини на пациентите кои имаат потреба од психолошка поддршка, обезбедена е стручна помош од психолози“, додаваат од Министерството.