-Ништо не е украдено од музејот на мојата тетка Есма Реџепова – Теодосиевска – во телефонски разговор за ,,Фокус’’ тврди Аднан Реџепов, внук од брат на кралицата на Ромската музика, кој што долги години живее и работи во Германија, а со Есма бил многу близок.
Веста дека музејот на Теодосиевски, кој што се наоѓа на Кале бил ограбен од непознати сторители, во периодот од 12.12.2016 до 30.03.2018 година, односно не е познато точно кога по нејзината смрт се случила тешката кражба, ја објави Сведок повикувајќи се на извори од МВР. Во објавата е наведено дека Министерството за култура побарало стручни екипи од Музејот, од Кинотеката и другите институции да направат попис и проценка на сите работи кои биле во куќата на Есма Реџепова, како што се аудио материјалите, наградите од патувањата и друга вредна архивска граѓа која понатаму би се изложувала, чувала или репродуцирала, но внатре се било испразнето.
Сепак, Андан вели дека станува збор за недоразбирање, бидејќи тој самиот бил во Скопје до пред два дена, кога повторно заминал во Германија. Тој тврди дека сите предмети кои биле во сопственост на Есма и Стево, биле пренесени во собите на горниот кат и биле заклучени на сигурно. Таму била и урната на Стево, за која внукот на Есма ни изјави уште лани дека планира да ја пренесе на гробишта, на местото каде е погребана Есма, и да им направи заеднички споменик.
-Се што е беше во сопственост на тетка ми е на сигурно. Ние, блиските роднини имаме клуч од музејот, и ги сместивме предметите во собите на горниот кат. Јас бев во Македонија со цел да ги завршам обврските околу подигањето на споменикот, бистата и останатите материјали веќе се пренесени во Скопје, и надлежните ќе започнат со работа најверојатно после Велигденските празници – ни изјави Реџеповски.
Тој додава дека е во тек постапка околу тестаментот на Есма, според кој таа го оставила наследството на државата. Аднан и негови роднини го оспоруваат истиот и велат дека ја бараат правдата на суд.
-Треба да се договориме и со роднините на тетин ми Стево, и доколку тие се согласат, неговата урна ќе биде пренесена во Бутел, за да имаат заедничко почивалиште со тетка ми – вели Аднан.
И Санија Реџепова, внука од брат на Есма, која живее во Скопје се согласува со Аднан. И таа во телефонски разговор ни потврди дека сите вредни работи на Есма,како пофалници, награди, и вредни предмети се чуваат на сигурно.
-Се е на сигурно, во собите на горниот кат. Ние, блиските роднини на Есма редовно го посетуваме музејот, го проветруваме, проверуваме дали е се во ред. Токму поради тоа што се плашевме некој да не влезе внатре, ги кренавме предметите на кат. Во тек е судскиот процес околу тестаментот, а јас лично дадов изјава во полиција околу целиот настан – изјави Санија Реџепова.
Вики Клинчарова