Родителска неодговорност и полициска незаинтересираност: Тинејџери си го ставаат животот во опасност, за да не им се расипе фризурата

by Fokus
Во изминативе месеци, откако започна сезоната на возење на скутери и мотоцикли, жителите на Неготино, посебно тие кои што живеат во центарот на градот, на улиците ,,Маршал Тито,, и ,,Партизанска’’, немаат мирен сон од несносната бука предизвикана од брзото возење, но и од редовните трки со скутери кои се практика секоја вечер.
 
Полициски контроли, и покрај тоа што преку ,,Фокус’’ во повеќе наврати се апелираше за овој проблем – не може да се забележат ниту во тек на ден, ниту пак во ноќните часови, а официјалните податоци за тоа колку лица се казнети поради возење без заштитен шлем се поразителни.
 
Имено, според информацијата која ја добивме од СВР Велес, во изминативе три месеци, само пет лица се казнети поради тоа што возачот и сопатникот на скутерот не носеле заштитен шлем, а казната изнесува 50 евра. Во случаите кога возачот е малолетник, казната ја плаќале родителите.
,,Во месец мај е издаден прекршочен платен налог за неносење на заштитен шлем од страна на ПС ОН Неготино на едно лице, во јуни на две лица, а во јули исто така на две лица’’ – информираат од СВР Велес.
 
Официјалната бројка на скутери и други мотоцикли во Неготино не е позната, но низ улиците везден се движат стотици од нив. Најчесто ги управуваат деца, дури помали и од 14 години. Колку и да се трудите, нема да најдете ниту едно од нив со заштитен шлем, а  истото важи за сопатниците, од кои исто така, повеќето се деца.
 
И покрај тоа што редовно се движат по главната улица ,,Маршал Тито’’ и минуваат покрај полициската станица, никој не реагира и не ги запира.
Родители со кои што разговаравме, а кои дури и не купиле заштитни шлемови за децата, велат дека се свесни за опасноста, но  се надеваат дека сепак ќе имаат среќа и нема да им се случи најлошото.
 
Тинејџери пак велат дека го избегнуваат носењето на шлемот, оти така нема да бидат препознаени на скутерот од страна на врсниците, но и дека ќе им ја расипе фризурата.
 
,,Живеам во центарот на градот, секој ден ги гледам моторџиите кои се тркаат, возат на едно тркало и изведуваат разни акробации на улиците. Но полиција не сум видела никогаш! Каде се полициските контроли? Треба ли деца да гинат поради несовесност на родителите кои ги пуштаат без шлемови, или поради неажурноста на полицијата?’’ – реагира повозрасна неготинчанка која била сведок на лудото возење.
 
,,Има цели групи од по дваесеттина скутери, ги возат тинејџери, не знам дали имаат и по 15 години. Сигуно дека немаат ниту дозволи, а не пак заштитни шлемови.Каде е полицијата? Доволно е во тек на еден ден да се направи контрола и да се напишат казни, ќе се наполни нивната каса. Срамно е да се затвораат очи пред вакво кршење на закон’’ – вели неготинчанец кој што има дуќан на една од улиците во центарот на градот.
 
На почетокот на месецов шеснаесет годишен тинејџер од Војшанци, Неготино го изгуби животот по пад со мотоцикл. Но и тоа како да не беше доволна опомена за родителите, и заштитните шлемови остануваат дома, за украс.
 
Револтирани граѓани прашуваат како тоа законите да не важат исто за сите и на очиглед на полицијата може да се кршат секојдневно.
,,Во тек на летниот период, за време на вечерните часови седиме на балкон. Значи цело лето не сме виделе ниту еден полицаец да прошета низ градот, низ главните улици. Каде се полициските службеници? Трките се неизоставни секоја вечер, да не збориме за буката и за опасноста некое дете да загине’’ – велат станари на зградите во центарот.
 
На прашањето каде се полициските контроли и зошто нема казни за возачите кои го кршат законот, командирот на ПС Неготино, Борче Јанев вели дека според закон не смее да дава било какви податоци за медиуми.
 
Како мала споредба, во Велес на пример, за време на викендот биле забележани 60 прекршоци на возачи на мопеди и мотоцикли. Тие не носеле заштитен шлем, а повеќето немале ниту возачка дозвола. За сите била предвидена глоба од 50 евра.
Вики Клинчарова

Поврзани новости