Родителите може да побараат од училиштето од немедицински причини нивното дете да не посетува настава со физичко присуство, а училиштето може да даде или да не даде согласност, рече министерот за здравство, Венко Филипче откако се донесе одлука наставата за сите ученици да почнува од 1 септември и сите да бидат со физичко присуство.
Според препораката настава со физичко присуство може да не посетуваат ученици со хронични болести и деца кои имаат постари членови со хронични болести, како и третата група ученици за кои тоа ќе го побараат нивните родители.
На прашање дали доколку продолжи да се зголемува бројот на заболени ќе се размислува за повлекување на одлуката за настава со физичко присуство на учениците, истакна дека во однос на таа препорака, која значи целосно враќање со физичко присуство на учениците, со некои исклучоци, а тоа се ученици со хронични болести и деца кои имаат постари членови со хронични болести и третата група тоа се деца кои по барање на родителите од немедицински причини може да упатат барање до училиштето и тоа да дозволи да не одат во училиште, сите други ќе бидат со физичко присуство. Сепак тој вели дека во зависност од епидемиолошката ситуација, моделот за настава може и да се промени.
– Тоа што е битно е дека во било кој момент ако настане влошување на епидемиолошката состојба, ќе дадеме препорака да се активираат некои од останатите веќе спремни механизми на спроведување на наставата, дали тоа ќе биде комбинирано или онлајн ќе зависи исклучиво од епидемиолшката слика. Засега, согласно сегашната ситуација, препораката е учениците да почнат со физичко присуство, рече Филипче во гостување на Канал 5.