Родителите стравуваат дека децата ќе им бидат отпишани од градинка доколку не однесат потврда дека и двајцата мораат на работа

by fokus

Се уште е неизвесно дали градинките ќе се отворат од септември, а конечната одлука би требало да се донесе наредната недела. Од градинките веќе ги повикаа родителите да достават потврда за тоа дека двајцата родители се работно ангажирани и не можат да работат од дома. Според новиот протокол, планирано е групите да бидат составени од помалку деца.

-За градинките следниот понеделник или вторник ќе имаме уште еден состанок со Министерството за труд и социјална политика, тие ја ажурираат бројката, бидејќи сега гледаат колку деца ќе се испишат, а колку ќе се запишат, па врз основа на тоа да се направи проценка“,
вели Филипче.

По изјавата на министерот, родителите стравуваат дека доколку деновиве не однесат потврда, нивните деца ќе бидат испишани од градинка.

-Рокот за носење на потврда ни е до утре. Сопругот мора да оди на работа, а мене работодавецот ме ослободи и за месец септември да не одам во канцеларија, односно да работам од дома. Но што ќе се случи доколку во октомври или ноември ќе треба да тргнам на работа, а моето дете во меѓувреме е отпишано од градинка? Родителите од страв ќе носат потврди, иако можат да работат од дома, а со тоа нема да се добие точната бројка на деца кои од септември мора да тргнат во градинка. Затоа надлежните нека прецизираат дека неносењето на потврдата не е и автоматско отпишување од градинка, бидејќи од градинките добиваме различни одговори, вели загрижена мајка.

Поврзани новости