Бројот на пациентите заболени од новиот корона вирус кој ги затвори граѓаните дома, почна да опаѓа, а бројот на оздравените да расте. Ситуацијата почна да се нормализира, со една нова реалност, дека се уште постои опасност од зараза со ковид 19.
Но, како што почна да се нормализира состојбата, почна да расте притисокот кај родителите на деца помали од десет години, да се вратат на работа и да одговорат на прашањето, кај да ги остават малите деца, во услови кога градинките не работат и нема никакви најави кога ќе бидат отворени и како ќе функционираат. Родителите кои имаат мали деца имаат можност да ја користат владината мерка која беше донесена во кризната состојба, еден од родителите да биде ослободен од работа за да го чува детето, кое не оди во градинка или на училиште.
Сепак реалноста, сега е поинаква, работодавачите притискаат родителите да се вратат на работа, а тие се чудат што ќе прават со децата. Мајка на петгодишно дете за Фокус објаснува со што се соочува сега.
– Вработена сум во администрација и работодавецот ме извести дека после првомајските празници, ќе започне нормализирањето на осумчасовното работно време и редовно извршување на работните обврски и да имам предвид дека мерките на Владата за ослободување заради грижа на дете до 10 годишна возраст ќе биде укината и сите ќе мора да почнеме со работа. Се е тоа во ред, меѓутоа јас сум родител на петгодишно дете и немам можности да обезбедам згрижување на истото бидејќи и сопругот е вработен, баби и дедовци немаме, а градинките не работат. Со оглед дека враќањето на работа е извесно, Министерството за труд и социјална политика во најскоро време треба да се изјасни во врска со тоа, како ќе бидат згрижени децата кои посетуваат градинка, со двајца вработени родители, а не постои можност некој друг да се грижи за нив. Лично јас сум под притисок да се вратам на работа, сопругот цело време оди на работа, а дотолку повеќе дополнителен стрес ми е што нема никаква најава за решавање на овој проблем. Се обидов да се информирам од градинката, добив одговор дека се уште немаат никаква информација, раскажува мајката чие име и е познато на редакцијата.
Подетални информации за тоа кога би се отвориле градинките и како ќе функционираат со оглед на тоа што се работи за мали деца кои не можат да одржуваат социјална дистанца, а во една група вообичаено се и по над 30 деца.
Од Министерството за труд и социјална политика за Фокус велат дека се зависи од Комисијата за заразни болести и порачуваат мерките за родителите на кои нема кој да им го чува детето важат и ќе важат до завршувањето на времените мерки за заштита и превенција од ковид 19.
– Во врска со почетокот на работа на градинките, препораката ќе ја даде, како и за сите мерки, Комисијата за заразни болести, водејќи сметка пред се за здравјето на децата и на вработените, а одлуката ќе ја донесе Владата. Секако ќе се води сметка и за фактот дека децата не смеат да останат незгрижени. За вработените лица во институции и фирми кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа, еден родител е ослободен од работа и работни активности и отсуството за време на овој период се евидентира како оправдано од работодавачот. Истото важи и за самохраните родители.
Платеното породилно отсуство на мајките е продолжено. Овие мерки важат до завршување на времените мерки за заштита и превенција од ковид 19, велат од МТСП.
Од Министерството за здравство за Фокус велат дека во моментов се подготвуваат протоколи за функционирање на градинките.
-Во моментов се подготвуваат протоколи кои треба да ги разгледа Комисијата за заразни болести да ги усвои, а нивната примена и временската рамка за постепено релаксирање ќе зависи од епидемиолошката состојба, објаснуваат од Министерството за здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче кој е главен во оваа битка со новиот вирус, во интервју за Телма вели дека враќањето на родителите на работа и отворањето на градинките ќе оди во пакет.
– Засега ќе продолжат да важат истите мерки, а тоа што бара усогласеност во олабавувањето, во смисла да се вратат постепено луѓето на работа, тоа е еден процес кој ќе биде со соодветни препораки од Комисијата за зарзни болести, ќе оди во пакет со отворањето на градинките. Во овој момент сигурно ќе се изнуди таа потреба со оглед на тоа што постепено животот ќе се враќа во нормала, сите оние институции кои веќе треба да се прилагодат согласно новите правила задолжителното носење на маски, ќе треба да ги вратат работниците на работа и тоа секако дека ќе наметне потреба од отворање на градинките. И за таму има посебни протоколи, па сето тоа ќе оди во пакет, објаснува Филипче.
Децата се дома повеќе од два месеца, дел од родителите работат од дома, додека нивното дете им виси над глава, на дел од родителите работата им е намалена, но намалени им се и платите. Министерството за образование веќе соопшти дека учебната година нема да продолжи и децата онлајн ќе учат до завршувањето на учебната година. На децата пак од предшколска возраст добро им дојде дружбата со секогаш зафатените родители, но сепак нема замена за учителките и другарчињата од градинките.
Фросина Факова-Серафиновиќ