Родителите на младиот пожарникар Жан Кофол од Словенија, кој загина лани по враќањето од Берово, каде доброволно учествуваше во гасењето на пожарите, вчера дојдоа во Берово.
Заедно со нив биле и нивни роднини, како и Дани Болтар, кој е припадник на доброволното противпожарно друштво од Словенија, кој заедно со Жан учествувал во гасењето на пожарите во Малешевијата минатата година во август.
-Мајката Марушка и таткото Вили слушнале многу убави прикaзни за Берово од нивниот син Жан. Кога се вратил од Малешевијата во родниот крај, им кажал дека планира повторно да дојде во Берово, да се види со луѓето кои овде ги запознал за време на гасењето на пожарите. За жал, му се случи трагедијата, и не му се исполни желбата повторно да ни дојде ова лето, како што планирал и раскажувал дома.
Затоа неговите родители, заедно со уште неколку нивни роднини и пријатели решиле да дојдат, на некој начин да ја исполнат таа негова неостварена желба – за ,,Фокус” раскажува беровскиот градоначалник Звонко Пекевски.
Кога дознал дека родителите на Жан доаѓаат во Берово, заедно со Советот на општината се донела одлука да се именува новоизградена улица по името на храбриот пожарникар.
Со пуштањето на улицата во употреба, вели дека на некој начин му се оддава почит на Жан за пожртвуваноста и храброста.
-Средбата беше нешто кое не може да се опише лесно. Емоции, преголема тага… Марушка не можеше да ги запре солзите, плачеше таа, плачевме и ние, сите кои бевме присутни таму, советниците од општината, граѓани, луѓе кои лани го запознале Жан…
Прекрасни луѓе со тешка судбина, кои денес ќе си заминат од Берово, со ветување дека пак ќе дојдат – вели градоначалникот.
Покрај пуштањето на улицата во употреба, Пекевски ги трогнал родителите на пожарникарот со подарок, слика со неговиот лик, испреплетена со мотиви од Берово, дело на беровски уметник.
-Тој ќе живее во нашите срца. Нека биде спокоен и благословен во вечноста.
Ја имав честа, заедно со родителите на Кофол, да ја пуштам во употреба улицата, спуштајќи го платното, на кое напишавме ,,Улица на пријателство”, затоа што таа улица ќе остане вечна врска помеѓу Берово и Словенија.
Во чест на постхумно одликување, кон ликот и делото на Жан Кофол, на средбата со родителите, која претходеше, им доделив слика, со ликот на прерано загинатиот пожарникар, испреплетена со мотиви од Берово, за да стои како вечен спомен за Берово.
Родителите на Кофол, упатија благодарност за преубавиот гест, кој го направивме, преку кој името на нивниот син, вечно ќе стои на улицата во Берово и секако до сите, кои на некој начин допринесоа улицата да биде преименувана.
Беа пријатно изненадени и не можеа да ги опишат чувствата за сето она што е направено, упатија голема благодарност за се, потенцирајќи дека тој по враќањето од Берово и од Малешевијата, понел само пријатни спомени, особено бил изненаден од гостопримливоста на луѓето во Берово- порача беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој се сретна со родителите на Жан.
Инаку, Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа, во близина на Нова Горица, на 28 септември, еден ден по неговиот 20-ти роденден и само еден месец по враќањето од доброволната мисија во Малешевијата, каде што беше меѓу најмладите доброволци, кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гаснењето на пожарите.
Тој бил претседател на здружение на младинската комисија која врши дејности во соработка со учениците, кои оделе во посета на противпожарните друштва.
Вики Клинчарова