Родителите на Валерија донираат за спас на болни деца, но не сакаат да се експонираат: Знаеме како е да си во кожа на нивните родители!

by Fokus

Марина и Зафир Зафировски, родители на седумгодишната Валерија од Штип, за која народот се сплоти донирајќи средства за операцијата на тумор на мозокот, изминатиов период донирале во неколку наврати од средствата кои им останале, на други деца, на кои им е потребно скапо лекување.

На социјалните мрежи веќе се појавија копии од уплатници на кои се гледа дека Зафировски помогнале со одредени суми на деца за кои веќе извесен период се споделуваат апели за помош, но точно кому и колку донирале, родителите на Валерија одбија да откријат.

-Не сакаме да се експонираме јавно за донациите. Видовме дека некои родители споделиле на Фејсбук, со цел да знае народот за нашата хуманост. Ние ги дониравме тие пари од срце, затоа што знаеме како е да си во кожата на тие родители. Сепак, не би сакале понатаму да се пишува во јавност на темава – ни изјави Марина.

Таа додава дека по операцијата на Валерија, која беше успешно изведена во Турција, нејзината ќерка се чувствува добро, но процесот на целосно заздравување сеуште трае.

– Сега ни следува терапија, но се уште не знаеме каква. Ќе дознаеме на контролата која ќе биде извршена во скоро време – вели Зафировска.

Нејзината празнична порака до јавноста е народот да продолжи со хуманост и грижа за секоја единка.

-Луѓето да продолжат да бидат хумани, како што биле отсекогаш! Со хуманоста сите заедно сме посилни – ни изјави Марина.

Акцијата за спас на Валерија се прошири на социјалните мрежи кон средината на ноември. Тогаш родителите апелираа за помош за операцијата за отстранување на туморот на мозокот, која изнесувала 40.000 евра и требало да се изведе на клиника во Турција. Се одржаа голем број на хуманитарни концерти, донираа јавни личности и политичари. Фондот за здравство ја покри операцијата на Валерија.

Штипскиот градоначалник Благоја Бочварски се вклучи во акцијата со своја донација и изјави дека планира да отвори солидарен фонд, односно сметка на која секој месец правни и физички лица ќе можат да донираат колку можат, а од таму средствата да се донираат на граѓани кои имаат потреба од нив.  Девојчето беше оперирано кон крајот на ноември, по што родителите се заблагодарија на јавноста и излегоа со соопштение дека Валерија е во добра состојба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости