Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Свети Николе во 2025 година беше еден од 50 финалисти што се бореа за светската награда од 1 милион долари за најдобар наставник (Global Teacher Prize) што ја доделува образовната мрежа „Gems education“ (ГЕМС), иницијатива на фондацијата „Варки“ што ја доделува во соработка со УНЕСКО.
Во разговор за „Фокус“ ги откри суштинските проблеми во основното образование кои се некои од причините Македонија да има ваков стрмоглав пад на ПИСА тестовите.
„Не можеме да речеме дека виновни се само родителите, само децата или само наставниците. Проблемот лежи генерално што сегашната генерација на млади родители е материјална генерација која е во постојана трка по пари, генерација која реално ги задоволува материјално своите деца, компензирајќи го своето отсуство. А родителите кога се обидуваат да ги мотивираат децата купувајќи скапи подароци, не им го даваат главното: подучувањето на што е тоа важно и што е тоа потребно.
Вториот проблем е што самите родители не ја сфаќаат важноста да се чита од мали нозе, посебно кога имаме првачиња или деца од второ и трето оддлеление. Постојано сум советувал дека треба да се користи дополнителна литература што ја има и во библиотеките.
Тука поголем е процентот на родители кои размислуваат вака: како јас ќе го терам моево дете на распуст да чита кога сите надвор возат тротинет. Ние тука не можеме да допреме, освен да дадеме совет“, вели Иле Михајловски.

На скандинавските земји не им требаше да излезат резултатите од ПИСА тестовите и претходно почнаа да носат радикални мерки во однос на користењето на мобилните уреди и вештачката интелигенција кои ОЕЦД ги наведе како клучни за падот на квалитетот на знаењето.
„Скандинавците се почесто ги забрануваат телефоните, вештачката интелигенција, ги враќаат учебниците.
Кај нас самата министерка за образование е промотор на вештачката интелигенција. Не е нужно да следиме нешто што е светски тренд. Ако ние не создадеме генерација која пред се ќе има стабилна база на читање, релевантен вокабулар на нивните години, ние не сме постигнале ништо. Имаме чат ГПТ, децата ќе свикнат дека ВИ ќе им ги даде одговорите, петтооделенците веќе прашуваат за одредени ликови од лектирата за да не ја прочитаат.Вештачката интелигенција ги уништува генерациите на деца.
Може свесно да ги користиме придобивките на вештачката интелигенција за да бидеме подобри во работата, но тоа не смееме да му го дадеме на дете кое тоа не знае како да го користи со цел полесно да учи. А сите деца сега тоа го прават за да не учат“, коментира Михајловски и додаде:
„Како општество дозволивме премногу политизираност во образованието за жал, дозволивме премногу измени на наставни програми кои се неквалитетни и полни со грешки, правиме копи пејст на програми и не согледуваме дали тие се компатабилни со нашиот менталитет“.
Михајловски преку примери ги открива длабоките системски проблеми со образованието и генерално во македонското општество.
– Моиве деца во одделенеска настава сега се петто оделение. Јас ги проверив во читање, кај половина од одделението се намалила техниката на читање. Дел од нив не прочитале ниту основни лектири. Имаме многу мал број на деца кои сами по себе имаат желба да читаат повеќе, што во очите на другите деца е несфатливо и полека тоа ја убива волјата на тоа едно дете да ги движи другите напред“, истакна наставникот од Свети Николе.
Словенија поради лошите резултати на ПИСА тестовите планира да ја врати осмолетката од учебната 2028/2029, а кај нас не е предвидена таква реформа. Михајловски смета дека проблемот не е во деветгодишно или осумгодишно образование туку во менувањето на програмата за учење.
„Јас не гледам проблем во осумгодишното и деветгодишното образование од еден аспект. По претходната наставна програма за деветтолетка приавме деца на шестгодишна возраст за кои прво одделеение беше подготвителна година во кое програмата наложуваше само препознавање и мемориање на букви и бројки, немавме описменување.
Сегашната програма, во второто полугодие од прво одделение бара да го описмениме детето и да пишува на печатна кирилица, нешто што сме го правеле порано кога детето имало седум години, а сега има шест. Описменуваме деца на 7, сега на 6. Деветгодишното образование не прави разлика, но прави разлика ваквата измена на програмата. Јас морам да им ја дадам базата за едно полугодие. На детево му се дадени само неколку месеци за описменување“, образложува Михајловски.
Во однос на тврдењето на министерката Весна Јаневска дека ПИСА тестовите дале највисоки резултати за време на програмата Кембриџ, тој истакна дека таа програма била укината во Англија пред да се воведе во Македонија.
„Ние направивме копи пејст на истата програма без адаптација, но ние ги немавме дидактичките материјали кои Англичаните ги имале. Таа била замислена програма со лаборатории, материјали…. А од нас се бараше да купиме материјал на свој трошок за да им покажеме експеримент на децата“, вели Михајловски.
Потенцираше дека булингот и сајбер насилството осцилираат со страшни случаи на врсничко насилство и државата треба да го вклучи алармот веднаш. Дотогаш борбата против насилството во училиштата ќе биде индивидуална борба на наставниците.
„Јас ги вклучувам сите мои деца во хуманитарни акции, трета година по ред носиме пакетчиња новогодишни во пензионерски дом. Овие деца бараат чисти примери на емпатија, јас тој ефект ја сакав да го постигнам, некои деца се расплакаа на тие средби. На овие деца им треба сериозна љубов, имам чувство дека не се гушкани, но се убиени од материјали работи дома. Треба да работиме сите за да ги спасиме: родители, наставници, ученици… Проблемот е систематски многу длабок, нема да постигнеме многу ако си ја префрламе топката“, додаде Иле Михајловски во разговор за „Фокус“.
Орце Костов