Морбилите повторно се шират во Србија: Најмногу заболени се невакцинирани деца

by irena 19:15
19:15

Во Србија од почетокот на годинава се регистрирани 30 случаи на мали сипаници, познати како морбили, од кои дури 25 се потврдени во последните месец и половина. Здравствените власти предупредуваат на зголемен ризик од ширење на заразата, особено меѓу невакцинираните деца.

Според податоците на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, најкритична е состојбата во градот Бор, каде што е прогласена епидемија со 21 заболен. Првично, на 9 октомври, епидемијата била регистрирана во населбата Север, а на 4 ноември била проширена на целата територија на градот.

Во изминатиот период случаи се потврдени и во Белград, Пожаревац и на подрачјето на Косовска Митровица. Меѓу заразените има и здравствен работник од Пожаревац, кој претходно бил во контакт со заболен пациент од Бор.

Најголемиот број заболени се невакцинирани деца на возраст под четири години, иако инфекцијата е регистрирана и кај возрасни лица.

Дополнителна загриженост предизвикува нискиот опфат со вакцинација. Во 2025 година само 72,8 проценти од децата во Србија ја примиле првата доза од МРП-вакцината, додека втората доза ја примиле 91 процент од предвидената популација. За спречување на ширењето на морбилите потребен е вакцинален опфат од најмалку 95 проценти.

Морбилите се исклучително заразна вирусна болест која се пренесува преку воздухот и може да предизвика сериозни компликации, вклучително и воспаление на белите дробови и мозокот.

Според Светската здравствена организација, до крајот на септември годинава во европскиот регион биле регистрирани повеќе од 15.000 случаи на морбили.

Здравствените власти апелираат до родителите навремено да ги вакцинираат децата, нагласувајќи дека МРП-вакцината останува најефикасна заштита од оваа заразна болест.

Слични вести