Претседателот на САД, Донал Трамп, повеќемина гувернери, но и некои експерти одамна повикуват дека отварањето на училиштата во земјата е „морална одговорност“ за најмладите да не заостанат во психофизичкиот развој, бидејќи пролонгирани распусти и учење од далечина можат да влијаат негативно во нивниот развој и оформување во здрави личности.
Сепак, кога се работи за стартот на новата учебна година во САД, желбите и политичките изјави се едно, но реалноста, заснована на научни податоци за ширењето на коронавирусот, е сосема друго.
Ендрју Куомо, гувернер на Њујорк, сојузна држава која во април и мај беше жариште на пандемијата во САД и успешно се справи со неа, на почетокот на неделава истакна дека школите можат повторно да се отварат, но дека тоа треба да се направи паметно и внимателно.
Американските медими ги пренесуваат успешните случаи на повторното враќање во училишните клупи на студентите во некои европски земји кои беа епицентри на епидемијата, како Италија или Германија.
-Сепак, овие земји презедоа повеќе безбедносни мерки, како спроведување физичка дистанца и имплементираа регуларни тестирања. Тие имаа многу помал број на локално ширење на болеста отколку што сега имаме ние, наведува „Вашингтон пост“.
Се потенцира случајот со Израел, каде по повик на раководството на земјата се случи брзо отварање на училиштата со малку заштитни мерки.
-Тоа придонесе кон ширење на вирусот низ цела земја. Во едно училиште се јави „супер распространувачки“ настан, откако позитивни тестови беа забележани кај 154 ученици и 26 вработени, наведува весникот. Се додава дека сега, еден месец по отварањето на школите во Израел, речиси половина од новите инфекции во земјата потекнуваат од училиштата.
Експертите во Њујорк, и општо во САД, стравуваат имено од вакви сценарија.
Како што е веќе извесно, сличен настан имаше во средно училиште во северниот школски округ на Атланта, Џорџија, сојузна држава каде се одлучи за настава со лично присуство со отварање на 3 август.
По „супер распространувачки“ настан минатата недела, одбележан и на фотографија направена во преполн ходник со ученици без маски што се појави на Твитер, 59 ученици и вработени во школото биле регистрирани позитивни, додека 925 лица од ова училиште сега се во карантин, јави Ен-Пи-Ар. Раководителот на училишниот округ изјави дека установата сега е затворена за настава со лично присуство, а изјавата дојде еден ден откако гувернерот Брајан Кемп ги пофали раководствата за успешното отварање на школите во Џорџија и во својот говор кажа дека маските треба да се носат но дека тоа не е обврзно.
Затоа, во најголем број од сојузните држави на САД постои претпазливост во врска со повторното заминување на децата во училишните клупи.
Куомо навистина порача дека школите може да се отворат, но додаде дека сега за тоа треба да одлучат локалните политичари и раководителите на установите.
Во Њујорк, како и низ целата земја, нема унифицирано одреден датум за почеток на школската година. Во САД, и пред пандемијата, секој град и округ одлучуваше посебно за датумот на „првото ѕвонче“. Во услови на Ковид-19, тие датуми сигуро ќе бидат одложени за неколку недели, можеби и месеци.
Постојат различни погледи и околу тоа како и кога да се стори тоа, како од страна на учителите, така и од страна на родителите.
Така на пример, генералниот директор на училишниот округ во Бафало укажа дека тој е склон отварањето да се одложи до октомври. Во Сиракуза, најголем дел од учениците ќе следат настава од далечина.
Во Њујорк сити пак, градоначаликот Бил де Бласио, повика на хибриден модел, односно учениците мора да се јават на училиште еднаш до три пати неделно, со обврзно носење маски и запазување физичка дистанца. Остатокот од неделата да се учи онлајн.
Како во градот Њујорк, слична е состојбата и во Вирџинија, и во престолнината Вашингтон.
Раководството на државните училишта на густо населениот округ Лаудин, лоциран релативно близу до престолнината, уште во јуни предложи три можни модели за продложување на наставата, зависно од епидемиолошката состојба во државата: Нормална настава со лично присуство, хибридна настава со два дена посета и три дена онлајн, и само учење од далечина.
Преку онлајн системот на округот, родителите беа повикани најдоцна до средината на јули да одговорат кој од наведениот модел за нив е најприфатлив.
Со ширењето на пандемијата летово во јужните и јуогозападните делови на САД како Флорида, Тексас и Калифорнија, мнозинство од родителите од округот Лаудин стравуваа за здравјето на своите најмили, но и за своето, и го одбраа моделот следење настава онлајн во првото полугодие.
Во Вирџинија, пред пандемијата школската година обично почнуваше по 20 август, но овојпат, кај многу од окрузите датумот е одложен за првата половина на септември, за да се има доволно време за подготовка на интернет ресурсите и електронските материјали за успешен старт на оваа необична училишна година, како за учениците така и за родителите.