Родителите гневни: Децата се колатерална штета додека си ги „мерите“ кој е во право

by fokus

Доста е веќе толеранција, доста е веќе разбирање, дали за нас родителите има некој разбирање, реагираат родителите откако членството на СОНК не прифати 12 проценти покачување на платите за наставниците во основното, средното образование и вработените во градинките, а штрајкот во училиштата продолжи и денеска.

-Дали нас некој не праша, дали имаш кој да ти го чува детето додека беше короната, дали има некој да ти го чува детето додека беше продолжениот распуст, дали некој има кој да ти го чува детето додека има штрајк? Секако дека нема, принудени сме да се снаоѓаме, да бидеме жртви, да правиме компензации со колеги/колешки за промена со смени, приморани сме да влечеме ждрепка кој да даде отказ за да го чува тоа дете кое што нема кој да го згрижи, научи, насочи.

Мала била платата..Дали некој нас родителите не праша како ние преживуваме за да го изведеме тоа дете на пат? Дали некој нас не праша дали на тоа дете имаме да му дадеме леб? Категорично, не..Платата им била мала? А работните часови големи ви се? Викенди дома убаво ви е? Три месеци одмор малку ви е? Што уште сакате, да ве пратиме на заслужен одмор на Бахамите, да ви дадеме орден за храброст?

Жал ви било за децата во градинките, а нашите деца што по правила и протоколи се втурнаа во училишните клупи, што добија триста бактерии и воспаление на плуќа од маските што ги носеа, што добија лишаи и рани на рацете од евтините средства што им ги прскавте, што поради вашите хирови децата не добија описменување, на кого му е жал поради тоа? Срам и арам да ви е за се, вели за „Фокус“ мајка на на девојче од прво одделение.

-Срамно и жалосно е што СОНК продолжува со штрајкот кој е на директна штета на нашите деца. Учениците се најголеми губитници, затоа што не само што изгубија од настава во услови на пандемија, сега дополнително губат поради каприци на возрасните. Прекинувањето на наставниот процес го осудија и УНИЦЕФ и Народниот правобранител и други здруженија и организации кои посочија дека правото на образование е неприкосновено право на децата загарантирано со Устав. Зарем ова не е доволен аргумент за прекинување на штрајкот, враќање на учениците во клупите и продолжување на процесот на преговарање?, вели за „Фокус“ друга мајка.

Градинките од утрово го прекинаа штрајкот и децата се згрижуваат, а повеќе деца има во основните училишта особено во првите три одделенија каде покрај наставата, учениците се згрижуваат во дневен престој.

Мајка на втроодделенец објаснува низ што поминува таа, но и нејзиниот син кој заедно со врсниците помина две години во пандемија, а сега нема настава бидејќи наставниците штрајкуваат.

-Син ми со неполни 6 години мораше да се запише и да оди во училиште. Наместо на 01.09.2020 година, учебната година почна на 01.10.2020, со скратени часови, без целодневна настава, по 7 часа.дневно со маски на лице, смешни протоколи, движејќи се по строго означени патеки со стрелки низ училиштето и седеа на клупи означени со Х. Секојдневно им се збореше дека не смеат да се гушкаат, да си позајмат прибор, да подадат ужинка, а притоа секојдневно ги прскаа со разреден дизентал. Школската година заврши, свидетелства не добија.

Син ми доживувањата од начинот на одвивање на наставата емотивно ги презентираше со седење под клупа и невербалност, а дома одбиваше да разговара за било што во врска со училиштето. Година помина, замина, ко да не била, огромна емотивна и интелектуална регресија, која мене лично како родител ме разболе, вели мајката.

Во второ одделение следувало благо подобрување, со огромни напори и залагања од родителите, со воншколски активности детето почнало да се отвора и конечно да “му е убаво на училиште”.

-Си реков, почнавме да ја оправаме работата. Зимскиот распуст го продолжија 10 дена со ветување дека децата нема да трпат последици. Конечно им ги тргнаа тие крпи од уста, син ми беше пресреќен. И бидна штрајк, за наводно враќање на достоинството на вработените во образованието. И трае се уште, а има уште еден месец до крајот на учебната година, која нема поента да продолжи.

Зборувам како родител на втораче, кое има 7 и пол години и штетата која и повеќе од евидентна кај моето дете нема да му ја простам никому! Срам да ви е на сите! Немој да ми зборувате за достоинство, немате! Немој да ми зборувате дека ви е гајле за децата, не ви е! И на крај немојте да ми кажете дека моето дете мора да оди на училиште! Децата се колатерална штета на вашите натегања и препукавања кога си ги мерите кој е во право, а кој не е, забележуваат гневните родители.

Ова е веќе трета недела по ред откако учениците не се во училиште, односно трета недела наставниците од основните и средните училишта штрајкуваат. Во првите одделенија каде има предвидено дневен престој, одат по неколку ученици кои ги чуваат неколкумина наставници со договор на дело, додека нивните колеги штрајкуваат и не одржуваат настава.

СОНК бара над 18 проценти зголемување на платите на образовниот кадар, по зголемувањето на минималната плата. Првата понуда од Владата за покачување од 10 проценти ја одбија, а втората понуда за зголемување на платите од 12 проценти првично ја прифати лидерот на СОНК, Јаким Неделков. Но, откако си подаде рака со претставниците на владата и сите очекуваа дека од денеска ќе почне наставата, ченството на СОНК не ја прифати оваа понуда и штрајкот се прекина само во градинките.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости