Родители на деца од прво одделение во основното училиште „Димитар Миладинов“ денеска ја бојкотираат наставата и бараат средба со директорката, Маја Ангелова. Причина за бојкотот е затоа што директорката дозволила при крајот на школската година ученик да биде префрлен од друго училиште и иако е само една недела во училиштето се однесувало агресивно кон останатите дечиња, велат од таму за „Фокус“.
Родителите денеска ќе имаат и средба со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Според нив, ученик не треба да биде префрлен од едно во друго училиште во текот или на крај на учебната година, освен во случај кога има педагошки мерки против него. Тие бараат објаснување, но како што велат од училиштето, директорката денеска не е дојдена на работа од здравствени причини.
Училницата каде се држи настава за прво В одделение е денеска празна, а наставничките се во канцеларија. Родителите утринава беа собрани пред училиштето за да го искажат својот револт. Како што велат од ОУ „Димитар Миладинов“ дел од нив земале и исписница од училиштето.
Од Општина Центар велат дека градоначалникот, Саша Богадановиќ, се сретнал со родителите. Од таму додаваат дека секое дете има право на образование и дека детето е префрлено од друго училиште по барање на родителот и со одлука на директорот.