Родители монструми

by Fokus

Пишува: Татјана Алексиќ

„Ние не ги сакаме нашите деца само затоа што ни се деца, туку заради љубовта што расте со нив“Маркес.
Таква е родителската љубов, безусловна, тивка во својата одговорност, гласна во среќните моменти, блиска и кога е далечна, огромна,неспоредлива, истрајна и моќна колку универзумот.

Одговорниот родител зрело постапува, и преку своите постапки тивко дава пример на децата. Знае да вреска со сиот глас и да се радува како мало дете кога ја доживува среќата и успехот на своите деца.

Неодамна, во градот Паг (Хрватска), во раните утрински часови, од првиот кат на зграда, таткото -монструм Јосип Роѓаќ (54 г), буквално ќе ги  фрли  четирите деца на возраст од 3,5,7 и 8 години. Затворската казна ќе биде последица, (колку и да е оптимална,не ја надоместува штетата) но каде се причините за такво монструозно злосторство?

Алармантни се податоците за сѐ помасовното кревање рака врз сопствените деца и чедоморствата.Родители -sверови насекаде низ светот, од најзаостанатите рурални средини и племенски заедници, па до урбани, навидум цивилизирани средини каде материјалната егзистенција не е загрижувачка, ниту пак е оправдувачка.

На прв слух може не е толку убиствено невротичното размислување на некои родители дека се чувствуваат како жртви на своите деца, но никако не е добро, ниту оди на добро ако постојано им се повторува на децата дека ќе било подобро да не се родиле.

Кога се раѓа „несакано“ дете, родителот кој не го прифаќа и доживува како товар, ирационално може да манифестира брутално насилство, но и нагон за убиство. Скриената омраза се активира со било какво иритантно однесување на детето. Сепак, од многу несакани забременување има многу сакани деца, но добро е да се размисли пред да се создадат услови за бременост, подеднакво одговорна за обата пола.

Еден инфантилен, емоционално недозреан родител, може да се оправдува пред себе и светот дека детето ги спречило во амбициите и кариерен развој, му ја „украло“ младоста, го принудило да се омажи без љубов и слични беспредметни обвинувања.

Сетете се на филмот на Срѓан Карановиќ „Вирџина“, кога фрустрираниот татко го преправа и воспитува своето женско дете во машко, за да се спаси семејството од проклетството немање машки потомци. Такви „вирџини“ имало и во Албанија, Далмација и Црна Гора кон крајот на 19 век, но примитивните духови сѐ уште живеат и во новиот милениум.

Чедоморството на мајка – дете, физички зрела – психички лабилна, постпородилната депресија која може да доведе до нагон за отфрлање на детето, отфрлање на детето од татко кој смета дека не е негово , комплексот Медеја на отфрлена сопруга која се одмаздува на неверниот маж и го казнува убивајќи ги заедничките деца… се само неколку грозоморни описи на  злосторства кои не се сценарија, туку сурова реалност на родители sверови од целиот свет и низ сите векови наназад.

Низ животните судбини, многу небиолошки родители, низ приказните овековечени како лоши маќеи и очуви, умеат да бидат вистински родители полни љубов и токму тука е нивната извонредна големина, затоа што детето се сака заради него, а не кој го родил или направил.

Родителствувањето е божји благослов, привилегија на живиот свет која се препознава и кај животните и растенијата, и се што треба е да се препознае љубовта која раѓа одговорност. Ако омразата е последица од  некаква лична фрустрација, лошо искуство и умна пореметеност, таа треба да се спречи во зародишот ( лекувањето е веќе задоцнет процес), а нејзина противтежа е токму љубовта. Онаа безусловна, силна во својата спонтаност, вистинска родителска љубов.

Поврзани новости