Родители ќе протестираат против носење на маски во училиштата!

by fokus

Во петок во 18 часот пред Влада е најавен протест против задолжително носење на заштитни маски во училиштата. Иницијатори на протестот се повеќе родители, кои сметаат дека децата страдаат од долготрајното носење на маски.

-Сите граѓани, сите родители без разлика на вера, нација и убедувања излезете на улица и изборете се за правата на децата.
Нашата цел е право на избор за секое дете.

Ние не сме против родителите кои сакаат да продолжат со праксата на носење маски во училиште, бидејки тоа е нивно право!
Повеќе од една година нашите деца страдаат од долготрајното носење на маски и доколку истото продолжи последиците по нивното здравје во иднина ќе бидат несогледливи.

Учителки, наставници, педијатри, инфектолози, дерматолози, кардиолози – застанете на страната на здравјето на децата!
Нивното место е во училишните клупи и тоа без маски, без никакви трауми, условувања и заплашувања, да израснат во физички и психички здрави личности- наведено е во иницијативата креирана од Трајче Петковски, кој инаку е претседател на Македонска асоцијација за модерни танци, и која е објавена на социјалните мрежи.

Петковски ги повика граѓаните не само во Скопје, туку и во центарот на останатите градови, да излезат и да се приклучат на протестот во петок.

На социјалните мрежи веќе подолг период е активна и неформалната група Стоп за носењето маски во училиштата, во која членуваат над 7.500 граѓани.
Нивни најчести реакции се дека децата минуваат долго време со маски во училиштата, и имаат по шест, па и по седум часа, чие времетраење дури и во ек на пандемија не се скрати.

Исто така, често се потенцира дозволата за работа на угостителски локали и ноќни клубови, каде стотици посетители без маски и дистанца престојуваат во затворен простор, наспроти училниците во кои учениците иако според протоколи и на дистанца, мора да ги носат заштитните маски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости