Родители атеисти тужат училиште во Британија поради часови за Библијата

by fokus

Родители атеисти сакаат да тужат основно училиште во кое одат нивните деца, тврдејќи дека театарски претстави инспирирани од приказни од Библијата и колективни молитви ги кршат нивните човекови права.

Ли Харис и неговата сопруга Лизан добиле одобрение да се спроведе судски надзор над основното училиште во Барфорд за кое тврдат дека не го почитува законот.

Откако организација Оксфор Дајосисн Скул Траст- ОДСТ (Oxford Diocesan Schools Trust) го презела раководењето со училиштето во 2015 година, тие забележале дека во образованието на децата се почесто се присутни „штетни аспекти на евангелизмот“.

Ова е прв случај од ваков вид во Велика Британија, пишува британски „Телеграф“.

Родителите тврдат дека тоа ги нарушува правата на нивните деца да добијат образование „ослободено од верски влијанија“.

ОДСТ е организација кој го презеде раководењето со 33 училишта во Британија. На страницата на организацијата се наведува дека се „мотивирани од христијанските вредности“ и оти „сакаат да им служат на локалните заедници, но не сакаат да ги наметнуваат тие вредности“.

Хуманисти на Велика Британија е организација која ги поддржува родителите во нивните настојувања да го тужат училиштето, наведувајќи дека решавањето на овој случај ќе помогне за решавање на сите слични случаи во иднина.

Тие тврдат дека некои училишта држат секојдневни заеднички молитви за христијански верници, но не им даваат слична алтернатива на оние кои не се христијани.

Поврзани новости