Роденденот на Марина ми е најтешкиот ден во годината, вели Ленче, која со години бара одговори за судбината на ќерка и!

by Fokus

Денес и е роденден на мојата ќерка Марина, помина 41 година од нејзиното раѓање. Малку е да кажам дека ми недостасува до болка и ова ми е тежок ден, веќе девет години по ред, за ,,Фокус” низ солзи раскажува Ленче Цветкова од Кочани, на чија ќерка Марина Арсова со години не и се знае судбината.

На 29-ти декември ќе се навршат девет години откако Марина, мајка на две девојчиња и сопруга, исчезнала без траг од домот во Штип. Во тој период двете девојчиња биле малолетни, додека денес едната ќерка е веќе возрасна и живее во странство, а помалата, која уште не е полнолетна, живее со татко и, инаку сопруг на Марина, во Штип.

Времето минува, а како што вели Ленче, случајот со Марина паѓа во заборав од институциите, но и од јавноста. Само семејството секојдневно живее во агонија, но истовремено и надеж, дека таа сепак ќе се појави на нивната врата.

-Овој ден во 1983 година ми беше најсреќен, ја родив ќерка ми Марина. Сега, со години наназад, шести ноември за мене е еден од најболните денови. Каде е моето дете, што се случи, кој може да ги даде одговорите? Некој мора нешто да знае!
Марина имаше тежок живот. Работеше во Сушара во Штип, одеше и во село во близина, каде нејзиниот сопруг одгледуваше стока, му помагаше. Немаше добар брак…

Веста дека исчезнала ја дознав од полиција, не од нејзиниот сопруг. Тој се вратил вечерта од селото каде одгледуваше стока, не ја нашол дома, и дури наредниот ден пријавил во полиција дека ја нема. Мене не ми се јави да праша случајно да не дошла, или пак случајно да знам каде отишла. Полицијата пак, започна со потрага дури по 48 часа, бидејќи се работело за возрасна жена, тогаш таа имаше 32 години. Низа на пропусти!

Од тој ден, за нас почна агонијата, вели мајката.

Појаснува дека Марина немала пасош, но без оглед на се, никогаш не би заминала без збор и не би го оставила семејството. Еден месец по нејзиното исчезнување, се самоубил свекорот на Марина, што им отворило дополнителни прашања околу целиот случај. Сопругот на Марина пак, бил задржан неколку дена во полиција, му било направено полиграфско тестирање на кое не поминал, а потоа бил пуштен дома.

-Веќе девет години трагаме по одговори! Од полиција веќе не знам од кога ни се немаат јавено, да кажат дали има било што ново, дали воопшто и каде и како се трага по неа. Мојот сопруг одеше често да праша за случајот, и на крај доживеавме да биде исфрлен со обезбедување од полициската станица, како да е некој криминалец, само затоа што барал одговори за својата ќерка!
Мора нешто да се смени кога се во прашање случаите со исчезнати лица во Македонија. Многу ги има, без траг ги снемува, како да пропаѓаат во земја.

Да се направи некоја посовремена стратегија за потрага, да не се откажуваат институциите од овие луѓе, кои сигурно не се исчезнати по своја желба. Да им се дознае судбината. Уште истиот момент кога се пријавени за исчезнати, нивната фотографија да оди на сите национални телевизии, секој да им го запомни ликот, цела земја да се алармира! Семејствата заслужуваат да ја дознаат вистината, оти со ваква болка многу тешко се живее, апелира Ленче.

Вели дека се држи поради ќерките на Марина, и дека до крај на животот ќе трага по вистината за својата ќерка.

-Јас се уште ја чекам да се врати… Надежта живее во мене. Се надевам дека мојата исповест ќе помогне јавноста да се присети на нејзиниот лик, но да се сетат и надлежните служби, да не се откажат од потрагата по неа. Ако некој знае било што, нека ме побара, или нека пријави во полиција, бидејќи со преголема болка живееме, раскажа мајката.

Фотографијата на Марина е објавена на страницата за исчезнати лица на МВР.

,,Родена на 06.11.1983 година во Кочани, со адреса на живеење на ул. Бул.ЈНА бр.13/7 во Штип, исчезната на ден 29.12.2015 година.”
Тоа се единствените објавени информации за оваа млада жена, чии блиски немаат мир со години и бараат одговори за нејзината судбина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости