Роби Телекабел учесник во тепачка во штипска дискотека, вели дека бил испровоциран

by fokus

Сопственикот на Телекабел и ТВ 24, Роберт Димитров синоќа учествувал во тепачка во штипската дискотека „Клик“. Од МВР велат дека Димитров со шише го удрил лицето А.П. неколкупати во пределот на главата

„Во СВР Штип пријавено е дека на 21.10.2018 во 02:55 часот во дискотека Клик во Штип Р.Д. (45) држејќи стаклено шише се доближил до масата на која бил А.П (34) заедно со М.К (26), С.С (22) и Ѓ.Ш (35) сите од Штип, при што Р.Д. со шишето го удрил А.П. неколку пати во пределот на главата, по што му се придружиле и С.З (28), Ф.З (23) и Ж.К. (38), кои продолжиле со чаши и шишиња да го удираат А.П. по главата и телото. Потоа напаѓачите ја напуштиле дискотеката, а А.П. бил пренесен во Клиничката болница Штип каде е задржан на лекување. За случајот е известен Основен јавен обвинител и се работи на негово целосно расчистување“, велат од МВР.

Од друга страна, Димитров во изјава за „Мактел“вели дека бил испровоциран во целата ситуација.

„Да точно е дека имаше инцидент, поточно тепачка, но искрено, не знам кој кого удри, знам дека беше гужва и тепачка од кој подебелиот крај го извлекоа провокаторите. Се работи за едни млади дечки кои со месеци ме малтретираат мене и моето семејство, не знам кој им дал сила за такво нешто, се мислат дека се семоќни, дека никој ништо не им може, нити полиција нити судство. Главниот од нив сега требаше да биде во затвор за друг инцидент, но Иванов го помилува под чудни околности, најверојатно си платил за тоа.

Искрено изненаден сум од тоа, не очекував некој мене да ме малтретира особено не сега кога падна режимот на Груевски. Пред еден месец крвнични ги претепаа дечкото на мојата внука од сестра, при што му скршиле заби, и потоа тотално го демолирале неговото возило, внуката за малку се спасила да не биде повредена. Потоа каде и да ме сретнеа фрлаа со флаши по мене, а пак кога ќе се сретнеме ме пцујат и ме навредуваат.

Да се чудиш што им е на дечките, како да им е предизвик да се закачаат со мене, како да немаат попаметна работа. Јас како што ме дал господ, па не сум тип кој ќе трпи некој да го гази, едноставно не сум таков, и секој што ќе проба со мене да игра прљаво и насилнички да не мисли дека ќе му седам со спуштени раце и ќе го молам на колена, ја не сум таков, да бев таков немаше да догурам таму каде што сега сум, и тоа е тоа. Во животот некогаш мораш да се браниш од насилници, да не мисли некој дека ќе ме исплаши од дома да не излегувам или пак да ми забрани каде можам да се движам, тоа некој може само да сонува.

Инаку не сум само јас жртва на овие барани, цел Штип плаче од нив, само на мене налетаа на преголем залак за нив. Апелирам МВР да преземе нешто и да ги скроти малце овие млади петли“, изјави Димитров.

Поврзани новости