Се конституираше групата наречена „Охрид“ која треба да даде поддршка на интеграцијата на Македонија во НАТО, соопштија денеска поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон и премиерот Зоран Заев. Токму Робертсон ќе биде неформален лидер на оваа група.
-Во 2001 година оваа земја доминираше во мојот живот, доминираше и во НАТО, земјата се соочи со едно искуство кадешто беше поделена и имаше шанси за поделба на државата. Но тоа не се случи, затоа што луѓето и раководството на државата застанаа заеднички, обединето и храбро задржувајќи го курсот нанапред. Се нарековме Охридска група, затоа што сме пријатели на оваа земја, затоа што Охрид е град заштитен од УНЕСКО, затоа што тоа е град каде се потпиша Охридскиот договор и мислам дека има голема симболика, рече Робертсон.
Според него, тие се еден вид на тинк-тенк на извор на информации со оглед на тоа што нивното искуство во дипломатијата и светската политика е огромно, но тој рече дека нема да се мешаат во домашните работи и дека немаат некои затскриени агенди туку се само искрени пријатели на Македонија.