РКЕ: Приклучокот за струја ќе чини помалку од 400 евра

by Фокус

Регулаторната комисија за енергетика наредната недела ќе објави нова цена за стандардниот приклучок на струја, која, според претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, ќе биде пониска од 400 евра.

-Ветивме дека тоа ќе почне од 1 октомври, но во последниот период го препроверуваме ценовникот што ни го достави ЕВН и во текот на наредната недела ќе ги објавиме новите цени, пониски од тие што ги најавивме и тоа е причина што малку го одолговлековме ова усвојување. Наредната недела ќе бидат објавени новите цени за стандардните приклучоци за струја кои ќе бидат пониски и од најавената сума од 400 евра. Исто така, ќе објавиме и дека кај 90 проценти од потрошувачите ќе има намалување на цените за приклучоци кои ќе бидат пониски од најавените 400 евра – рече Бислимоски.

РКЕ претходно најави дека во текот на август годинава ќе го одобри новиот ценовник, со кој трошокот за стандарден приклучок ќе се намали од 500 на 400 евра и ќе го зголеми опфатот на стандардни приклучоци, со цел да има поголем број граѓани кои при приклучувањето на куќите ќе може да ги намалат трошоците.

Поврзани новости