РКЕ ги намали цените за приклучок на струја, сите граѓани ќе плаќаат по 370 евра

by Фокус
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со што ги намали тарифите што корисниците ги плаќаат за стандарден и повторен приклучок на струја. Така, отсега нема да постои нестандарден приклучок за струја, кој се наплаќаше по повеќе од 2.000 евра, поради тоа што општините немаа усвоено ДУП, туку ќе има исклучиво  стандарден приклучок, кој досега чинеше 500 евра во подрачјата каде што општините имаат донесено детален урбанистички план, а во иднина ќе чини 370 евра.
– Граѓаните не се виновни затоа што општините не донеле ДУП и затоа се укинува нестандардниот приклучок, односно сите ќе плаќаат по 370 евра без разлика на која локација се наоѓаат – велат од РКЕ.
Воедно, од Комисијата информираат дека се намалува и цената за одвојување на броилата, што ќе чини 200 евра, или 300 евра помалку од досегашната цена. Исто така, се намали и цената што корисниците ќе ја плаќаат за повторен приклучок доколку биле исклучени поради неплатени сметки. Сега оваа услуга ќе чини 440 денари, а повторниот приклучок ќе се врши во најбрз можен рок, додека претходно се плаќаше околу 1.700 денари за повторно приклучување.

Поврзани новости