РК Алкалоид направи голем подвиг и во својата прва сезона во Суперлигата го освои второто место во првенството со што обезбеди и учество во Европската лига и тоа директно во групната фаза од натпреварувањето.
РК Алкалоид во последното коло гостуваше кај екипата на РК Вардар во „Јане Сандански“, одигра борбен, квалитетен натпревар во кој ја покажа својот потенцијал и успеа да победи, со резултат 25-21 и со тоа да го мине РК Вардар 1961 на табелата.
Израмнето беше на почетокот на оваа средба. Домашниот тим само во воведните минути диктираше резултат, но РК Алкалоид успеа да израмни, а по 15 минути игра имаше и водство од два гола разлика (7-5).
Транзицијата на РК Алкалоид беше одлична, го одбрани водството и во следните минути ја зголеми разликата на три гола разлика (10-7).
Во финишот на полувремето, за прв пат поведе и со четири гола разлика (12-8), но пропушти две изгледни ситуации за гол пред крајот на полувремето, па на пауза се замина со резултат 12-10 за РК Алкалоид.
Во 47 минута од мечот беше нерешено 18-18, но благодарение на голманот Благојче Трајковски, веднаш потоа одново водеше РК Алкалоид (20-18). Мечот доби интензитет, борба се водеше во секој дуел, а Алкалоид поведе со 23-19 во 57 минута од мечот.
Обидите на противникот да направи пресврт беа запрени.