Веќе втора година како тресе ковид пандемија во државата, а црните статистики продолжуваат со уште позасилено темпо од досегашното.
Секојдневно, во дневните извештаи на министерството за здравство можат да се забележат официјалните бројки на починати од корона, без разлика за кој вид или подваријанта станува збор.
„Фокус продолжува секојдневно да разговара со лекари кои работат во ковид центрите за причините за зголемената смртност кај заразените пациенти, кои се лекуваат во болнички услови. И тоа што е најстрашно во приказната е што повеќето од нив се сомневаат во несоодветно лекување.
Доктор Владимир Ристовски, кардиолог во Градската болница „8 септември“ е еден од лекарите кои на неколку дена дежура во ковид центарот, каде се хоспитализираат најтешките случаи на ковид пациенти.
Тој во изјава за „Фокус“ наброи неколку причини, кои според него се главен проблем за аламантните бројки на починати.
„Прво и основно е огромниот недостиг на кадар во самите болници, потоа немањето на национални протоколи кои ќе бидат за примарна здравствена заштита, секундарна и терцијарна. На тој начин, сите ќе се ракводат според нив и ќе лекуваат на истиот начин. А, вака сега секој лекува како што знае“, тврди доктор Ристовски.
КВАЛИТЕТНИОТ КАДАР Е ЕДНАКОВ НА НУЛА
Според него, голем проблем преставува и тоа што ковид пациентите ги лекува несоодветно образован кадар, кои немаат еден ден едукација.
„Ова преставува многу голем проблем. Во болниците на кожното одделение е направено ковид центар и дежураат кожни лекари. Која е логиката? Ако веќе нема соодветен кадар, тогаш сите одреден период да се едуцираа сега ќе можеше да работат со пациенти заразени од ковид. Ако реално зборуваме, кај нас едукцијата и квалитетниот кадар е еднаков на нула низ целата држава. Не може во ваква пандемија се да се сведе само на две болници“ истакна кардиологот.
Доктор Ристовски објаснува колку лекари и медицински сестри се потребни да речеме за 15 пациенти, носители на опасниот вирус.
„За да функционира нормално, треба на 15 пациенти да има 5 лекари и 9 медицински сестри, што кај нас е невозможна мисија. Ние имаме 28 болни и само еден или двајца лекари. Барем утринската визита да ја прави соодветен кадар, па после тоа нека дежураат од другите специјалности“, вели докторот.
Тој објаснува дека за време на двегодишната пандемија, сите заборавиле на другите болести.
„Сега имаме експлозија на карциноми, листите на чекање се зголемени, а термини нема веќе. Како ќе се справиме со овие тешки болести. На нив сите заборавија. Кај нас во болницата врие од болни пациенти“ истакна доктор Ристовски.
Сепак, според нашите информации, во министерството за здравство веќе е разговарано на оваа тема, но се уште не се преземени никакви конкретни мерки. Официјалните податоци, особено за болничките пациенти е дека се јавуваат доцна лекар, причина која се наведува за време на целата пандемија.
Досега во земјата се направени вкупно 1.847.971 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 287.481, бројот на оздравени пациенти е 269.014, на починати е 8.768, а бројот на активни случаи изнесува 9.699.
Ирена МУЛАЧКА