Вчера во Неготино престојуваше министерот за спорт Борко Ристовски, кој со неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов изврши увид во состојбата на спортската сала „Младост“.
-За жал, констатиравме дека состојбата е далеку од она што како критериум важи за една функционална спортска сала, односно и двајцата констатиравме дека постојат бројни пропусти кои датираат од последната реконструкција на салата.
Заедно со министерот Ристовски се согласивме дека се потребни дополнителни работи на салата како истата би го добила стариот сјај кога беше гордост на Неготино, но и да се стави во целосна функција на спортските клубови, спортистите и рекреативците од Општина Неготино, истакна градоначалникот.
Пред само четири години се работеше на реновирање на спортската сала, и тогашниот директор на Агенција за спорт и млади, Дарко Каевски, заедно со поранешниот неготински градоначалник Тони Делков, за време на увид во градежните активности порачаа дека ,,Младост” е повторно функционална и комплетно опремена според сите современи стандарди.
-Целосно е обновена кровната површина, извршена е комплетна замена на стариот со нов под, како и просторот под трибините, кои досега не беа во функција.
Реконструкцијата на салата „Младост“ беше изведена за само 4 месеци и чинеше 10.769.902,00 денари, односно над 175 илјади евра.
Сега овој спортски објект повторно блеснува во својот полн сјај и ќе даде нова вредност на спортот во Неготино.
Во втората фаза која следи ќе се реконструираат тоалетите, соблекувалните, трибината, прозорците и надворешната фасада.
Оваа фаза ќе биде финансирана од буџетот на Општина Неготино во вредност од 4.500.000 денари, истакна тогаш Каевски.
Беше најавена и изградба на детски базен во склоп на салата, кој до денес не е изграден. Исто така, беше најавен уште еден капитален обејкт за општината – затворен пливачки базен, од чија изградба се уште нема ништо.
На очиглед на граѓаните, спортската сала и околните спортски игралишта, кои се единствено место за рекреација на граѓаните, бидејќи во Неготино нема поголем парк ниту пак доволно јавни тревни површини, е далеку од место со кое неготинци можат да се гордеат.
Освен поплаки за внатрешноста на салата, актуелни се и поплаките на граѓаните за игралиштата кои се во склоп на овој рекреативен центар.
Како што вчера за „Фокус“ открија лица вработени во ЈЗУ Неготино, во изминатиот период во итната служба биле примени неколку деца, кои добиле длабоки рани од несредената ограда на малото фудбалско игралиште во склоп на салата.
-Небезбедно место за рекреација на нашите деца, кои искрено немаме и каде да ги изнесеме во тек на ден. Уништена урбана опрема на јавни површини, посебно во центарот на градот, неосветлено детско игралиште во близина на Музејот, немаме парк, на градскиот плоштад се возат електрични тротинети и скутери…
Значи на градот му фалат средени зелени површини каде ние, кои сме решиле да останеме во Неготино, ќе можеме да ги однесеме нашите деца.
Спортската сала засега е единствена локација каде младите можат да се рекреираат, но и професионално да спортуваат, и каде родители можат да прошетаат деца на зеленило, и потребно е доста работа за да оваа локација си го врати сјајот, велат наши бројни соговорници од општината – родители на помали деца и на тинејџери.
Инаку, спортската сала во Неготино датира од 1984 година и беше изградена со самопридонес на граѓаните. Важеше за место каде се одржуваа значајни спортски настани, но и сала во која редовно се одржуваа големи концерти на југословенските музички ѕвезди.
Вики Клинчарова