Ги следам случувањата во Советот на јавни обвинители и знам што се случува на тие седници, изјави заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, по однос на конфликтот на интереси кој се појави во советот откако претседателот гласаше негова внука да биде избрана за обвинител.
-Во Советот треба да се обратите за прашањето дали ќе има некакви промени. Јас лично, од морален аспект, сметам дека треба да си поднесат оставки – рече Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој дообјасни дека нема потреба од оставки од сите членови, и додаде дека се знае на кого се однесува тоа.
Освен сомневања кај претседателот Штерјев, индиции за конфликт на интереси има и кај една од обвинителките, која, наводно, гласала да не биде избрана обвинителка што кривично го гони нејзиниот сопруг.
Претседателот, Коле Штерјев, денеска не сакаше да одговара на новинарски прашања, велејќи дека е неподготвен, и рече дека во текот на неделата ќе одржи прес конференција каде ќе се обрати пред јавноста.