Ристоска: Последниот работен ден на СЈО е горчливo сладок ден

by Fokus

Обвинителката и портпаролка на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска, синоќа на социјалните мрежи , по повод последниот рaботен ден на СЈО, моментот го опиша како горчиво-сладок.

-Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија. Денес се поздравивме со колегите од стручната и од административно-техничката служба и со истражителите. На вработените во СЈО денес им е последен работен ден и овие луѓе од денес остануваат без работа! Денес мојот стручен соработник ми вика: „Тажно е обвинителке, ко средна школа кога завршуваш, четири години сме заедно, што се не делевме, имаше периоди почесто бев на работа од дома“. И така беше…
За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет“, напиша Ристоска.

Денеска завршува важноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство. Од утре во сила е новиот Закон за Јавното обвинителство, кој беше донесен во февруари, пред распуштањето на парламентот. Од обвинителството убедуваат дека истрагите за сите предмети на СЈО продолжуваат.

Прислушуваните разговори кои беа основа за работата на СЈО повеќе нема да можат да бидат основа за подигнување нови обвиненија, туку тие само ќе служат како индиции. Сите прислушувани разговори што не се предадени во судот како докази или индиции во истраги, законот предвидува да се уништат.

Предметите на СЈО покренати до 30 јуни 2017 година продолжуваат да се извршуваат според старите законски правила, односно за истите аудио-снимките ќе може да послужат како докази.

Со новиот Закон е предвидено јавниот обвинител кој раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде избран од јавните обвинители на непосредни избори.

Поврзани новости