Обвинителката Ленче Ристоска која заедно со обвинителот Трајче Пеливанов го застапуваа предметот „Таргет-Тврдина“, по пресудата со која поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, изјави дека не знаеле каде бил Мијалков деновиве кога цела држава го бараше, а потоа тој сам се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал.
-Не знаеме каде бил Мијалков, се надеваме дека ќе се утврди наредниот период, бидејќи нас ни е значајно тоа како прашање, рече Ристоска.
Таа појасни дека таа и Пеливанов не биле обвинителите кои уште минатиот петок, кога се даваа завршни зборови за масовното прислушување, известиле член на Владата дека имаат информации за можно бегство на Мијалков.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција го кажа ова, па потоа се поправи дека тоа не биле обвинителите кои го водат предметот, туку некој обвинител, па Ристоска упати тоа прашање да го одговори Спасовски и да разјасни што мислел кога го кажал тоа.
-Ние немавме такви информации, да имавме такви информации уште во петокот ќе побаравме притвор. Првите информации ги добивме во саботата вечерта и веднаш постапивме, рече Ристоска.
Таа образложи дека за Мијалков постоеле основи за ефективен притвор бидејќи има дозвола за престој во Прага, а доставиле податоци и за неговата имотна состојба, тоа што МВР нема опрема за негов 24 часовен видео надзор, а како битен факт го наведе и тоа што Мијалков одреден период не беше достапен за органите на прогонот.
Обвинителството е задоволно од пресудата бидејќи таа ги потврдила сите нивни наводи.
Мијалков денеска беше осуден на 12 години затвор за масовното прислушување и му беше одреден притвор кој ќе го издржува во Шутка.