Култниот македонски бенд ,,Архангел” и фронтменот на бендот, Ристо Вртев (64), ќе настапат на главната фестивалска вечер на Битола Отворен град. Настанот ќе се случува на Ракометното игралиште во Битола на 28-ми јуни.
Се појави на музичката сцена кон крајот на осумдесеттите години и како основач на ,,Архангел” испиша историја на македонската рок сцена.
Годинава во јануари доби орден за заслуги од тогаш актуелниот претседател Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонијата. Тогаш порача дека досега добил многу естрадни награди, но оваа е особено важна, затоа што му дава смисол на сето она што го постигнал досега.
Во април годинава пак, за време на конвенцијата на претседателскиот кандидат на коалицијата на СДСМ, Стево Пендаровски, Вртев се обрати пред присутните во салата Борис Трајковски и кажа дека Пендаровски има повеќе фанови од него.
-Нашето место е во Европа па му велам на Стево дека сите што мислиме дека нашето место е во европското семејство на народите, сметаме и порачуваме – повтори го мандатот, кажа музичарот пред присутните на конвенцијата.
Покрај концертот на Вртев, ќе настапат и рок бендот ,,Ареа” и битолскиот продуцент и диџеј Ile The Hair.
Ова е 23-то издание на фестивалот и од организацијата најавуваат авторска урбана вечер на македонска музика.
Влезниците по цена од 600 денари се пуштени во продажба.
Вики Клинчарова