Кавадарчанецот Ристо Вешков, кој со децении живее во Америка, на пошироката јавност и е познат како фолк композитор, чии песни се пеат на многу фестивали на народната музика, автор на повеќе хитови и соработник на познати имиња од музиката.
Но, она по што Вешков го познаваат во неговиот роден град и во околните места е неговата хуманост и несебичното помагање на своите сограѓани кои имаат некаква мака во животот. Речиси се нема случено некому во градот да му притреба помош, да се организираат хуманитарни акции за лекување или за социјални случаи, а тој да не учествува со своја донација.
Неодамна, тој ги подарил сите примероци од својот албум ,,Пејте македонци’’ на Црвениот Крст од Кавадарци, а приходот од продажбата на цедеата е наменет за болни и сиромашни деца. За овој негов гест поразговаравме со Димитар Каракулев, претседател на Црвен Крст Кавадарци, кој вели дека на нашето општество дефинитивно му недостигаат повеќе луѓе како Ристо.
-Гестот со цедеата на Вешков воопшто не ме изненади, бидејќи во текот на сите овие години сме свикнати на слични дела од него. Самиот ми јави кога го завршил албумот, ги донесе дискетите кои се снимиле во Америка и ми кажа дека ги подарува, а парите од продажбата се наменети за лица од Тиквешијата на кои им е потребна помош. Ова не е прв пат да сведочам на неговата големина, во текот на изминатите години редовно се јавува кога ќе прочита дека во Кавадарци се собираат пари за нечие лекување, и никогаш не изостанале неговите донации. Во времето кога беше жив неговиот пријател и соработник, фолк пејачот Зоран Дамјанов, тие двајцата заедно организираа многу хуманитарни концерти, секому пружија рака без двоумење – вели Каракулев.
Додава дека Вешков добил плакета за почесен член на Црвен Крст Кавадарци поради својата хуманост. И сограѓаните на Вешков го делат неговото мислење, а поради тоа што долги години со семејството живее во Америка, речиси секој кавадарчанец кој заминал таму, додека да си го среди животот во туѓата земја, помош побарал токму од него. Го барале за вработување, за сместување, за средување на документи…
Тој е претседател на здружението ,,Тиквешија’’ па нашинците во Њу Џерси на него гледале како на еден вид на матица, некој кој сите ги собира заедно, кој организира настани за дружба и се грижи за македонската заедница, а неретко и во Америка иницирал хуманитарни активности и забави.
-Читав неодамна дека познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ отворил ресторан, каде бездомниците добивале бесплатен оброк. Многу убав гест од негова страна. Кога би бил во можност без сомнение и јас би го сторил истото, но да бидеме реални, јас помагам според своите можности. Не можам да ги игнорирам повиците за помош за лекување на деца, не сакам само немо да ги гледам апелите кога на некој мој сограѓанин му е потребна помош, колку можам донирам. Се трудам да ги поттикнам и останатите од заедницата да го следат мојот пример, сакам луѓето да знаат дека не се сами, дека се дел од една целина која не е имуна на нечија мака – раскажува композиторот.
Тој додава дека освен што помагал кога се работи за лекување, се случувало да помогне и за други настани, како неодамна, кога се собирале пари за погреб на кавадарчанец.
-Жално е што ете, некој има лоша судбина и дури неговиот погреб зависи од хуманоста на народот. Се собираа пари за да се организира погреб на наш човек, многу нашинци донираа, кој колку може, некој 500 долари, некој 200, но она што ми остави впечаток беше еден бездомник, кој ги даде своите последни два долари, бидејќи го познавал човекот што почина. Мене лично, неговите последни два долари ми значеа многу повеќе од поголемите суми кои ги одвоивме ние, останатите, и тоа беше еден настан кој што ме трогна – вели Вешков.
Околу донираниот албум, раскажува дека тоа го сторил од се срце, и како верува дека должност на сите јавни личности е да ја подигнат свеста на народот, да се разбуди хуманоста и да се има сочувство за секој човек.
И покрај тоа што живее во Америка, Вешков секоја година со сопругата доаѓа во родниот град, најчесто за време на гроздоберот. Неговите композиции се застапени на многу фолк фестивали, има компонирано стотици песни за познати пејачи, но често знае да каже дека најдрага му е песната ,,Цветанке моја’’ која и ја посветил на сопругата и која освои многу награди.
Вики Клинчарова