Во пресрет на големиот концерт кој ќе се одржи во Арена Борис Трајковски во Скопје, на 16-ти ноември, рок бендот ,,Меморија” сними нова песна.
Насловена е ,,За добро да е”, а главен вокал е Ристо Самарџиев.
Бендот досега имаше тројца вокалисти, и тоа Зоран Илиќ, кој го отпеа хитот ,,Нена”, па Апостол Поце Икономов, и на крајот Ристо Самарџиев.
Ова е петта по ред песна од материјалот кој се подготвува за новиот албум на групата, која изминатиот период повторно е активна како пред неколку децении.
-Автор на новата песна е новиот гитарист на бендот Рубин Димковски, додека автор на текстот е Душко Темелковски, некогашниот пејач на прилепската група „Бен Хур“.
Песната е стилски поинаква од сето она што досега групата го работела, во брз ска ритам, но со мошне заразен и певлив хорски рефрен и стихови од кои извира чиста позитива, што и тоа како ни е потребно на сите нас во овие матни времиња.
Главниот вокал и овој пат го презема Ристо Самарџиев, но во хорските рефрени пеат сите членови на групата, што дава добар шлагворт за уште подобра интеракција со публиката која ќе ја пее во еден глас со групата на нивниот претстоен, славенички скопски концерт, на 16-ти ноември, но и на сите останати настапи во иднина.
Како и претходните новоизлезени песни и оваа е снимена во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски кој заедно со Давор Јордановски ја изработиле музичката продукција, додека извршен продуцент е Петар Георгиевски – Камиказа, известуваат од тимот на ,,Меморија”.
Песната официјално ќе биде промовирана на денешната прес конференција на бендот, кој со ноемврискиот концерт ќе одбележи 40 години на сцената.
Вики Клинчарова