Фејсбук статус на актерката Ирена Ристиќ, кој во јавноста предизвика голем интерес.
Статусот ви го пренесуваме интегрално, со дозвола на актерката Ристиќ.
На Никола, со љубов и желба за што поскоро заминување…
(или што би рекол Миле Че – часпоскоро да си одиш)
Ние знаеме што се случува. Знаевме цело време. А како свесни и совесни битија, знаеме и како стасавме до овде. Стасавме до ова дереџе проектирајќи ја сопствената човечност и финоча врз луѓе кои немале скрупули. Стасавме до овде, мислејќи дека ти, Никола, некаде ќе се освестиш од лудилото и ќе застанеш, дека подалеку и подолу, побезобзирно и побезобразно не можеш!
А што всушност се случува? Ти, Никола, поддржан од роднините и другарчињата, секојдневно ме побиваш и го докажуваш токму спротивното со контракреативност, се повеќе заплеткувајќи се во сопствената мрежа од манипулации и лаги, во обидот да се извлечеш неказнет.
Ти се обраќам од позиција на чесен граѓанин, она што ти Никола најверојатно некогаш си бил, можеби цели 15 минути.
Сме се поделиле, велиш! Да! Тоа е точно! Се поделивме! На морални и неморални, на богати и сиромашни, на садисти и измачувани. Тоа мора да запре, Никола! Отидовме по ѓаволите!
Некои околку мене велат ова ќе потраело. Јас велам нема, ама и да потрае, ќе издржиме, ти ветувам. Да ти читале почесто додека си бил мал приказни за борбата на доброто и злото, сигурно ќе си запаметел дека доброто секогаш победува и ти никогаш немаше да се најдеш во ваква ситуација. Твоите парцели, имоти и пари нема никогаш да ги надоместат мирот и љубовта кои толку очајно ги бараш, напротив, само ќе го зголемуваат гневот, омразата и презирот на се поголемиот број граѓани кон тебе, а тоа знаеш што значи. Можеш само да ми завидуваш на раатот, љубовта и почитта во кои уживам без ниту еден квадратен метар на свое име.
Индикативно е и многу жално што ти и твојата свита сте попопуларни од мене и моите колеги. Некој мудар човек рекол дека вистински лидер е оној за кој луѓето едвај знаат дека постои, а ти бе, пиле, не се симнуваш од телевизија и билборди.
Твојата патолошка потреба за внимание, мегаломанијата, непростливиот невкус во кој не втурна и на кој не осуди, некадарноста, неквалитетот, простотилакот, твојата болна амбиција станаа наша судбина.
Но, ова зло кое не снајде има и своја светла страна, се запознавме едните со другите. Вие и ние, а и ние меѓусебе. Замисли, злото кое не снајде, не зближи. Во изминатиов период, благодарение на тебе, запознав еден куп прекрасни ликови, од мојата генерација, но и голем број помлади и со децении постари од мене. Сега сме пријатели. Ти ги имаш?!
Не обедини чувството дека нешто е гнило и потребата тој гнилеж да го тргнеме и да го замениме со нешто ново и убаво, зрело и здраво.
Некои не нарекуваат странски служби, кодоши, предавници, најверојатно од недостаток на креација и немање поим што значи да се биде ГРАЃАНИН.
Обединети сме од една ЉУБОВ за три работи.
ВИСТИНАТА, ПРАВДАТА и МАКЕДОНИЈА.
Ти, Никола не се плашиш од нас, зашто знаеш дека сме кротки, чесни, цивилизирани, културни и толерантни и ќе почекаме да се оправат институциите на системот кои години наназад ги третираш како кенеф на сопствениот вилает.
Но, еве, скроз френдли ќе ти кажам на кого да се фокусираш.
На оние кои слепо ти веруваат, кои безрезервно ти се посветени, оние моментално заслепени од твојата квазимоќ и нивната квазиблагосостојба, манифестирана во измислени позиции, сендвичи и прошетки низ главниот град, оние кои ти се лојални како кучиња, оние со чиј патриотизам си поигруваш снимајќи им евтини документарци за премакедонска семакенонска Македонија, оние чија интелигенција ја потценуваш, оние на кои им всади страв во коските, оние чија простодушност е твојот моментален штит…
Е, од нив да се чуваш, лепотане! Кога ќе дознаат се, нема да чекаат!
Тие човечиња ќе те сотрат!
Пред тоа, поздрави ми ги Милета, Ставрета, Гордето, Спирета, Абдулакимчо, Мартинчо и братучед ти Саше. Овој последниов и да ми го бациш.
И за крај, Никола, ти располагаш со агресија, уцени и простотилак, а јас со хумор, свирче и искрена љубов за Македонија!
И да знаеш, јача сум!
Да живее Македонија!
Никогаш твоја, вечниот романтик и идеалист, чесната граѓанка, Ирена Ристиќ.