„Oчигледно денес премиерот има дозвола да одговара само на пратенички прашања од власта или со фудбалски речник селекторот Груби го пушта да игра само наместени натпревари“.
Ова денеска од собраниската говорница го изјави пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за пратенички прашања.
Ристески му порача на министерот за здравство, Фатмир Меџити дека „во здравствениот сектор се случува хаос, а пациентите останаа колатерална штета.
„Одговорност нема за Гордана од Прилеп, Благојче од Битола и деновиве малата Јана исто од Битола. Барам веднаш расчистување на случајот со малата Јана, а министерот Меџити и директорската на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Младеновска да се фатат за работа, а не да промовираат донации“, рече Ристески.
Ристески постави прашање во врска со цистичната фиброза.
„По гласање на измените на соодветниот закон за набавка на лекови за ретки болести меѓу кои и цистичната фиброза ве прашувам кога ќе го има лекот Трикафта за сите, потоа зошто на овие по 26 годишна возраст им се укинува правото за неплаќање на медицински услуги кога тоа е болест која има прогресија, и дали воопшто планирате и кога да има центар за болни од цистична фиброза зошто по 18 години се упатуваат на Клиниката за пулмологија каде нема услови за овие пациенти“ – праша Ристески.