Голем дел од пензионерите во државата се кренаа и излегоа на протести, незадоволни поради ниските пензии Вчера скопските пензионери порачаа дека нивниот протест е егзистенцијален, а не политички обоен. Имаат повеќе барања, меѓу кои главните се покачување на минималната пензија, односно таа да биде барем во висина на минималната плата. Исто така бараат линеарно покачување од 3.500 денари за сите пензионери.
Барањето за линеарно, а не процентуално зголемување е неиздржано затоа што пензијата е економска категорија. Вака во разговор за „Локално“ вели универзитетскиот професор и член на Партијата на пензионери, Темелко Ристески.
Објаснува дека е осигурување за кое што граѓанинот плаќа односно му запираат одреден износ на име на придонес за пензиско и инвалидско осигурување.
„Граѓанинот плаќа негови пари во зависност од висината на платата и толку и треба да добие во форма на пензија. Изедначувањето на пензиите не е во согласност со уставното право на заштита на правото на сопственост. Парите што странката ги дава во Фондот – тоа се мои пари. Не смееме да одиме во поглед на изедначувања, истакнува Ристески.
Тој смета дека на прв поглед звучи правично, но не е правично тој што вложувал повеќе да добие исто со оној кој што заработувал помалку. Дециден е дека со оглед на економскиот карактер на осигурувањето не се издржани барањата.
За побараната сума од 3500 денари од пензионер, тој вели дека е премногу.
„3500 денари е огромна пара. Замислете кој издаток е тоа за Фондот да даде на сите по 3500 денари. Не очекувам толкаво зголемување, туку нешто за 1000 денари помалку, рече Ристески.