Рико следната година ќе вози Порше во „ГТ3 купот“: Сакам да ги анимирам младите кои го делат мојот сон

by fokus

Македонскиот возач Ристо Вуков – Рико го освои второто место во неговата класа, на најпрестижна трка на која настапил еден наш натпреварувач, на Gulf 12 во Абу Даби. Во разговор за „Фокус“, Рико вели дека трката во Абу Даби била неверојатно искуство, а автомобилизмот е еден од главните сегментите во животот таму.

-Трката во Абу Даби е нешто сосема поинакво од она на кое ние сме навикнати, тука во Европа. Особено зборувам за атмосферата околу настанот, организацијата на натпреварот, воздухот во Заливот. Животот таму е сосема поинаков, а со тоа и сите пропратни елементи, иако автомобилизмот не е пропратен, туку е еден од главните животни сегменти на жителите во тој дел на светот. Ако ви кажам дека по загревањето во петокот, еден ден пред саботната трка, на патеката излегоа автомобили со енормна вредност кои може да се видат само таму, раритетни и скапи модели од врвните светски брендови, ќе ви стане јасно дека автомобилите не се само играчка за луѓето во и околу Емиратите, туку се нивен животен стил, вели Рико.

Тој објаснува дека трката Gulf 12 е трка на издржливост, а тој имал едно од најдобрите времиња во неговата класа со неговото Порше.

-Возевме 12 часа, тројца колеги во италијанскиот тим GDL Racing. Сите имавме свој термин на возење, по два пати во двата дела по 6 часа меѓу кои имаше 2 часа пауза. Јас лично сум многу задоволен од постигнатото, затоа што имав најдобро време во мојата екипа, иако првпат седнав во поршето. Имав и едно од најдобрите времиња во мојата класа, а моето возење беше солидно оценето пред се од моите механичари и мојот тим, а потоа и од другите конкуренти. Свесен сум дека имам многу да учам, дека треба да се навикнувам на новото возило кое е друга димензија од она што сум го возел претходно.

Рико следната година ќе вози Порше во GT3 купот и очекува да оствари добри резултати.

-Стилот на возење на овој автомобил е сличен со оној на картингот, каде бев европски шампион во моите јуниорски денови. Сезоната почнува во мај, ќе трае скоро до крајот на 2020-та. Тимот е истиот со кој настапив на „Јас Марина“ во Абу Даби. Се запознавме едни со други, задоволни сме од виденото, сега останува добро да се подготвиме во периодот пред стартот на сезоната, за предизвиците во новата година, вели Рико.

Тој нема да се откаже и од возење во Македонија, бидејќи сака да остане близок со македонската публика.

-Ќе возам и во Македонија, не сакам да ги напуштам нашите патеки, сакам да бидам близок со нашата публика. Во опција се и регионални натпреварувања, но прво треба да се видат календарите на трките. Сакам да ги анимирам и помладите возачи, оние што го делат сонот со мене, да им помогнам да дојдат во повисоките кругови. Релативно е рано за честитки, но со оглед на тоа дека мојата тркачка година заврши, сакам да им посакам на сите се најдодбро во годината што доаѓа, во која се надевам дека ќе имаме убави трки и солидни резултати на меѓународната, но и на регионалната и на домашната сцена, порачува Рико.

К.С.

Поврзани новости