Поранешниот висок функционер на американскиот Стејт департмент Филип Рикер рече дека со оглед на тоа што Косово и Србија воопшто не биле спомнати во претседателската кампања во САД, не гледа оти прашањето за Косово во моментов е приоритет.
Тој во интервју дадено за српскиот портал „Радар. Нова“ зборуваше за актуелниот ќорсокак во преговорите Косово-Србија, односот на идниот претседател на САД, Доналд Трамп, кон Западен Балкан, но и европската перспектива од регионот.
„Не гледам дека во моментов има некаков напредок по прашањето за Косово. Знаете, не е многу паметно да организирате ваков меѓународен настан ако не сте убедени дека можете да постигнете нешто конкретно. Ова е особено случај кога паралелно со ова има многу други главни актуелни прашања на глобално ниво. Во оваа насока, секако не гледам дека организирањето на ваков настан може да биде приоритет за САД. Верувам дека треба да се запрашате, гледајќи го ова прашање од перспектива на новоизбраниот претседател Трамп: Што од тоа би било во интерес на Америка? Не забележав дека за време на претседателската кампања во САД, во целата оваа политичка дискусија воопшто се споменуваше Србија, Косово или целиот регион. Тешко ми е да замислам дека тоа би можело да биде приоритет, со оглед на сите турбулентни настани што се случуваат во светот. Потрошивме многу време фокусирајќи се на Балканот, особено во текот на 1990-тите и раните 2000-ти кога работев во регионот. Сега, има и други предизвици. И, како што истакна новоизбраниот претседател Трамп: Америка на прво место“, рече Рикер.