Заводот за статистика има обврска да ги објави податоците од пописот 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но ние веруваме дека ќе успееме да ги завршиме обработките многу порано и до крајот на годинава, па најдоцна во јануари 2022 година да ги објавиме податоците, директорот на ДЗС Апостол Симовски.
-Ние сме една од 12-те држави кои спроведуваат комбиниран метод на попис. Силно верувам дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри – вели Симовски во интервју за МИА.
Тој истакнува дека за секој од 50-те пописни реони е предвиден оптимален број на попишувачи, но, како што додава, тоа не значи дека и со помал број не може да се заврши работата.
-Во моментов, само за неколку пописни реони ќе се ангажираат лица според одлуката на Владата, а во другите реони има доволен број на попишувачи кои ефикасно и успешно ќе ја завршат својата обврска. Впрочем, овој пат пописот трае 25 дена што е доволен период за целосен опфат на населението на целата територија на државата – посочи Симовски.
Според него, протоколот што е подготвен за спроведување на попис во време на пандемија е многу строг и прецизен.