Денеска гласаат 8.843 болни и немоќни лица, внатрешно раселени и затвореници, објави на денешната прес-конференција портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.
Тој наведе дека се шпекулации информациите во јавноста дека веќе се познати резултатите од гласањето на заразени со ковид-19 и лица во самоизолација.
„Истите тие ливчиња се вадат од пликовите и се спуштаат во гласачката кутија без да се провери за кого е гласано. Тие гласачки ливчиња се мешаат со сите други гласачки ливчиња на 15 јули, кога гласаат другите гласачи, така што резултатите од сите ќе бидат прикажани кога ќе заврши гласањето на 15 јули“изјави Шабани.
Гласањето се спроведува во 13 казнено-поправни установи, каде што во посебните изводи од Избирачкиот список се запишани 1 657 гласачи, како и пријавени лица во домашен притвор. Во 17 старски домови гласаат 357 лица, а гласањето се спроведува во согласност со новите протоколи за заштита од ковид-19. Избирачкиот одбор и лицата пријавени за гласање задолжително треба да носат маска која на кратко се симнува за идентификација.