Министерството за образование и наука објави резултати од Конкурсот за сместување студенти запишани на прва година додипломски студии во студентските домови во академската 2024/2025 година.
-Приговор по однос на резултатите, секој студент може да поднесе директно во домот каде што аплицирал за сместување, во рок од пет дена од објавата на резултатите, се наведува во објавата на резултатите на веб-страницата на МОН.
Според Конкурсот објавен во јули годинава, во 11 студентски домови во државава слободни беа 1034 места за бруцоши.
Како што е наведено во Конкурсот, студентот треба да се всели во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.
На 6 септември МОН ги објави и резултатите за прифатени апликации за прием во студентските домови по Конкурсот за студенти од втора и повисоките години и за апсолвенти. За нив според Конкурсот беа обезбедени 3269 места во државните и приватните студентски домови за студиската 2024/2025 година.
Поради почнати реконструкции, со конкурсот оваа година не се опфатени студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје.